1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Нови стандарди за одгледување на животни

Хуман пристап кон животните, поволни цени за фармерите и јасни информации за потрошувачите: германски активисти за правата на животните, во соработка со фармерите и супермаркетите, воведoa етикети на месото.

Био-прозводите се во мода, но се’ уште се малку присутни во маркетите. Био-месото опфаќа помалку од еден процент на пазарот, а таквата ознака не е гаранција дека животните биле соодветно третирани. Тоа треба да се промени со воведувањето нов сертификат и нова етикета на месото, на која пишува : “За поголема заштита на животните”. Од јануари оваа година таа се појави во две верзии во германските продавници.

Тесниот простор предизвикува агресија

Thomas Schröder

Томас Шредер, претседател на Германското здружение за заштита на животни

Томас Шредер, претседател на Германското здружение за заштита на животни, објаснува дека овој сертификат наложува животните да се чуваат во значително подобри услови, отколку што се сега во законот пропишани.

“Животните мора да имаат повеќе простор и поголема слобода на движење”, објаснува Шредер во изјава за Дојче веле. За да ги посочи разликите во однос на традиционалното чување на животните, тој кажува пример со живината:

„Замислете када. На еден метар квадратен се наоѓаат 24 кокошки. Со новиот сертификат ќе биде дозволено најмногу половина од овој број”.

Иако и тоа е премногу, Шредер сепак верува дека на животните ќе им се олесни движењето и животот во природна хиерархија - ќе се намали агресијата и нема да мора да им се отсече клунот. Ова важи само за првиот степен на сертификатот; за вториот е неопходно на животните да им се даде уште повеќе место, нагласува Шредер.

Massentierhaltung

Сертификатот и етикетата треба да донесе подобри услови на фармите за животни

Фармерите се воздржани

Идејата ја поддржуваат само 27 живинарски и 20 фарми за одгледување на свињи. Целта е пет милиони пилиња и 20 илјади свињи годишно да се одгледуваат според условите од новиот сертификат. Звучи како да е многу, но фактички е сосем малку, вели Хелмут Борн, генерален секретар на Сојузот на германските фармери: „Во Германија се произведуваат милион и 200.000 свињи неделно. Затоа ни е потребен поширок пристап“.

Идејата за овој сертификат сама по себе не е лоша, смета Борн, но не е уверен дека таа може да функционира на пазарот: „Не сме сами на светот. Имаме отворен, глобален пазар, а токму со месо и млеко се тргува ширум светот“.

Голем број потрошувачи велат дека би биле подготвени да одвојат повеќе пари за месо од животни кои се одгледувани коректно, а сепак на крајот ќе отидат во евтина самопослуга и ќе купат месо прозиведено по индустриски пат. Многу слични неуспешни концепти од минатото го потврдуваат тоа, истакнува Хелмут Борн.

Некој мора да почне

Helmut Born Generalsekretär des Deutschen Bauernverbandes (DBV)

Хелмут Борн, генерален секретар на Сојузот на германските фармери

Претседателот на здружението за заштита на животни Томас Шредер верува дека новиот сертификат востановува преседан. Во основа би требало да се намали потрошувачката на месо, смета Шредер, а кога ќе се купува ќе треба да се плати поскапо, за да се обезбеди соодветно одгледување на животните.

Тој е свесен дека промената не може да настапи преку ноќ, но е уверен дека доколку сертификатот постигне успех, бргу ќе привлече голем број фармери да се приклучат. Многу ќе зависи и од веродостојноста на етикетите. „Ќе биде многу тешко, доколку и натаму етикетите на пакувањата со месо сугерираат дека тоа е добиено од животни одгледани во услови кои всушност никогаш не ги виделе”. И тој инсистира дека во бизносот мора да се земе предвид и глобализацијата: „Гледано на долг рок, ќе мора да ја преобмислиме потрошувачката на месо и да го решиме прашањето како да се прехрани светското население. Тоа значи дека ќе мора да мислиме глобално, но првиот чекор да го направиме локално, овде во Германија”, заклучува Шредер.