1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нови протести против режимот во Египет

Египет се наоѓа пред нова, можеби пресудна ескалација. Опозицијата повика на масовни протести против режимот на претседателот Мубарак. Власта реагира со поставување специјални сили на стратешки важните точки во Каиро.

default

Протести во Каиро

Спроти масовните протести на кои повикаа опозиционите групи во Египет, полицијата ноќеска уапси поголем број опозиционери. Според информациите на ТВ станицата Ал Џазира меѓу нив се и осуммина лидери на опозициското движење на Муслиманските браќа. Ова движење, кое во Египет веќе подолго време е подложено на репресалии, ги повика сите следбеници масовно да се појават на протестите по петочната молитва. На учество во протестите повикаа и повеќе групи и невладини организации кои го поддржуваат барањето за заминување на владата на претседателот Хосни Мубарак.

Symbolbild Verbot facebook twitter

Од ноќеска во Египет се блокирани серверите на интернет мрежата, така што беше неможно да се користат социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер, и електронската пошта на интернет концернот Гугл. Тие изминатите денови одиграа голема улога во организирањето на уличните протести. Поради тоа активисти на опозициските групи ноќеска одеа од врата до врата и ги повикуваа граѓаните да им се придружат на протестните собири по петочната молитва.

Властите не толерираат собири

Египетските власти порачаа дека нема да толерираат никакви собири и во текот на ноќта поставија засилени безбедносни сили во центарот на Каиро. Меѓу нив има и специјалци од единиците за борба против тероризмот. Министерството за внатрешни работи го забрани собирањето на молитва во џамиите во центарот на главниот град, како и во другите поголеми џамии ширум земјата.

Flash-Galerie Ägypten Kairo Proteste

Протести во Египет

Наспроти ваквиот засилен притисок на власта околу 1.000 демонстранти и ноќеска се обидуваа да се соберат на разни места во Каиро и да ги продолжат протестите против претседателот Мубарак. Од почетокот на демонстрациите во вторникот животот го загубија најмалку седум лица, а преку 1.000 се лишени од слобода.

Ел Барадеј во Каиро

Mohamed El Baradei Mohamed ElBaradei Ankunft in Kairo Proteste gegen das Mubarak Regime Ägypten

Мохамед ел Барадеј во Каиро

Од синоќа во Каиро се наоѓа и носителот на Нобеловата награда за мир и долгогодишен шеф на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед Ел Барадеј. Тој најави дека ќе учествува на денешните протестни собири и дека ќе им пружи секаква можна поддршка на опозициските групи: „Мораат да разберат дека мора да слушнат што бара народот и тоа под итно. Неопходно е да се преземат мерки за реформирање на Египет и за создавање нов Египет што ќе биде демократски и што ќе се заснова на социјална правда. Ако режимот на тие барања одреагира со сила, тоа ќе биде сосема контрапродуктивно“, порача Ел Барадеј, кој се понуди и како можен премиер на преодната влада.

Американскиот претседател Барак Обама во меѓувреме изјави дека во Египет е решавачко воведувањето политички и економски реформи, на што повеќе пати му укажал на претседателот Хосни Мубарак. Обама меѓутоа истакна дека Мубарак е важен сојузник на САД и партнер во израелско-арапскиот мировен процес. Владата и народот во Египет мора да најдат мирно решение, порача американскиот претседател.

Автор: ГЧ/ АТ/ дпа/ дв

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема