1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нови протести против Мурси

Египетските активисти од опозицијата започнаа четиридневен протестен маратон против владата на претседателот Мохамед Мурси. Почетокот не помина мирно насекаде.

Неколку илјади лица, во најголем број членови и приврзаници на опозициското движење „6 април“ се судрија синоќа во Каиро со припадници на египетската полиција, која употреби и солзавец за растерување на насилните демонстранти. Протестите, на кои беа извикувани пароли против исламистичкиот претседател на Египет, Мохамед Мурси, ескалираа кога група демонстранти се обидоа да упаднат во зградата на Врховниот суд (на фотографијата), каде се наоѓаат и канцелариите на државниот јавен обвинител, кој беше именуван во ноември од страна на шефот на држвата во постапка со која, според опозицијата, не бил почитуван Уставот. Според египетската новинска агенција МЕНА, на протестите биле ранети осум лица, од кои седум биле пренесени во болница.

Собирот пред Врховниот суд беше само еден од неколкуте протести што ги организираше движењето „6 април“ по повод петтата годишнина од неговото формирање.

На претседателките избори минатата година ова движење го поддржа Мурси, но во меѓувреме ја повлече поддршката на актуелниот претседател, кого сега го обвинува дека се однесува диктаторски и дека претставува марионета на исламистичкото движење Муслиманско братство.

Членовите на движењето „6 април“ беа едни од најактивните учесници на антивладините протести од пред две години, кои резултираа со оставка на долгогодишниот египетски претседател Хосни Мубарак.