1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Нови правила против насилството во германскиот фудбал

Собранието на Германската фудбалска лига ( ДФЛ - здружение на клубовите од првата и втората лига на Германија) го усвои новиот, заострен безбедносен концепт за натпреварите од германското првенство.

Најважни елементи на концептот се подобрено видео-набљудување за време на натпреварите, за полесно идентификување на предизвикувачите на инцидентите, потоа подетални контроли при влегувањето во стадионите, ограничување на контингентот влезници за навивачите на гостинската екипа на натпреварите од посебен ризик, апсолутна забрана за пиротехнички ефекти на трибините од стадионите. Еден од предлозите беше и за целосно елиминирање на места за стоење, односно на стадионите да има исклучиво места за седење.

Повод за усвојување нов безбедносен концепт беа зачестените потешки инциденти на првенствените и куп-натпревари. Клубовите од Бундеслигата и од Втората лига беа притиснати од политиката - или самите ќе преземат мерки за подобрување на состојбите, или тоа ќе го стори политиката преку засилен ангажман на полицијата, за што клубовите тогаш би морале целосно да ги платат трошоците.

Концептот, според Рајнхард Раубал, претседател на ДФЛ, бил усвоен со преку 90 насто од гласовите.

Пред денешното собрание (12.12.2012) имаше многу средби и разговори меѓу клубовите и претставници на навивачите, кои претходно протестираа противејќи се на некои од предложените, а сега веќе и усвоени мерки. Така, во првата реакција претставници на здруженија на навивачите се заканија со натамошни протести, а околу 150 навивачи протестираа и пред местото на одржување на собранието.

Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) го поздрави усвојувањето на новиот безбедносен концепт. Убедливото мнозинство за концептот „е важен знак за целиот фудбал и за огромното мнозинство на мирољубивите навивачи во Германија“, изјави Волфганг Нирзбах, претседател на ДФБ.

„Ова е јасен знак од клубовите против насилството“, оцени синдикатот на полицијата нагласувајќи: „Вљубениците во фудбалот не се ставени под генерално сомневање, нас не‘ интересираат само насилнички настроените сторители на казниви дела“.