1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нови насилства во Рио

Бесот на Бразилците поради зголемувањето на цените за билетите во автобускиот и железничкиот сообраќај се разви во ново насилство. Земјата е соочена со нови безредија во пресрет на СП во фудбал.

По првично мирните собири на неколку стотици луѓе против зголемувањето на цените во јавниот сообраќај, состојбата во Рио де Жанеиро ексалираше. Маскирани демонстранти ја нападнаа полицијата со камења и палки и палеа барикади. Безбедносните сили употребија водени топови и солзавец. Има голем број уапсени, а се јавува и за повеќемина повредени, па дури и тешко повредени лица. Телевизиски новинар добил тешки повреди на черепот од експлозив и во текот на ноќта бил подложен на итна операција. Тој сѐ уште е во животна опасност. Нејасно е кој е одговорен за нападот. Бразилското здружение на новинари бара расчистување на случајот веднаш.

Планираните зголемувања на цените во превозот уште минатото лето предизвикаа масовни протести. На шест месеци пред почетокот на Светското првенство во фудбал ситуацијата во земјата е тензична поради растот на трошоците за живот. Владата на Дилма Русеф е под сѐ поголем притисок поради растечкото незадоволство на населението.

Во јуни и јули 2013 година, на масовните демонстрации во Бразил учествуваа вкупно околу милион луѓе. Тие бараа повеќе пари за образованието и здравството. Тоа беа најголеми протести по крајот на диктатурата во Бразил.