1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Нови мерки за привлекување странски капитал во Македонија

Македонската влада донесе мерки за измена на Законот за странци за да им се овозможи на странските државјани да добијат поголем временски интервал за престој во земјата и за измена на уредбата за добивање државјанство.

Двете мерки, нагласи на денешната прес-конференцијата владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, се во насока на привлекување странски капитал и за овозможување и олеснување на реализација на инвестициите од странство. Тој посочи дека целта е реално олеснување на процедурите и стимулација на странските државјани за одлуката за инвестиции на средства во Македонија.

Првата мерка, значи измена на Законот за странци, во насока на овозможување на странските државјани, кои се резиденти на земјите на ЕУ и ОЕЦД, а имаат купено куќа или стан во Македонија во вредност над 40.000 евра, да добијат поголем временски интервал за престој во Република Македонија.

Со претходно усвоени закони, појасни Ѓорѓиев, на странските државјани им се дозволи да купуваат недвижности во Република Македонија, но оваа појава не е доволно развиена и заживеана. Направените анализи покажале дека сериозен ограничувачки фактор е законски дозволениот интервал од три месеци за престој за странските државјани, односно најмногу шест месеци во рок од една година.

За надминување на оваа пречка и ограничувањето, и во насока на поттикнување на искористување на оваа можност, потенцира Ѓорѓиев, Владата усвои измени на Законот за странци со кои предвидува странските државјани од земјите на ЕУ и ОЕЦД, кои ќе купат куќа или стан во Република Македонија, чија вредност на недвижноста изнесува најмалку 40. 000 евра, веднаш да може да добијат годишен престој во Република Македонија. 

Со втората мерка за измена на Уредбата за добивање на државјанство, се воспоставува можност и право странско лице, од која било држава, кое во Македонија ќе инвестира 400.000 евра во капацитет, освен во угостителство и трговија, и вработи во него 10 лица, веднаш да добие државјанство и пасош на Република Македонија. И оваа мерка, подвлече Ѓорѓиев, е поддржана од странски експерти, и иако има и имиџ карактер, таа има и реално значење за олеснување на определени процедури на инвеститорот и реализација на негови права, и квалитетно го надополнува системскиот пристап и пакетот за привлекување на странски инвестиции во кој се содржат и ниските даноци, поволностите во ТИР Зони, квалификуваната работна сила и останатите делови на пакетот за привлекување на странски инвестиции.