1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нови жртви на Блискиот исток

Ескалацијата на насилството на Бсликиот исток од ден на ден станува се‘ поинтензивна. И денеска пристигаат информации за жртви како меѓу ривалските организации на Палестинците, така и на израелска страна.

Милитантни Палестинци на улиците на градот Газа

Милитантни Палестинци на улиците на градот Газа

Хеликоптер на израелското воено воздухопловство денеска истрела најмалку три ракети врз зграда на палестинските сили за безбеднист во градот Рафах. При тоа загинале четири лица, а 30 се повредени од кои десетмина тешко. Според информациите од радикалната организација Хамаз, чии припадници се наоѓале во зданието, под урнатините се наоѓаат уште затрупани лица. Ова е акција на одмазда на Израелците за вчерашните ракетни напади на Хамаз врз градот Здерот, северно од Појасот Газа. Таму паднаа дваесетина касам-ракети, кои делумно погодија и куќи на еврејските доселеници. И денеска продолжија нападите со ракети на израелската територија. При тоа беа повредени 20-тина Израелци.

Ситуацијата е дотолку покомплицирана што продолжуваат и престрелките меѓу палестинските организации Хамаз и Фатах. Ни неколкуте склучени примирја со посредување на Египет не донесоа вистинско смирување на состојбата. Така припадници на радикалната организација Хамаз извршиле утринава напад врз куќата на еден од шефовите на безбедносните сили од редовите на Фатах. Само во тој напад животот го загубија шест лица. Во текот на денот престрелки имаше и во други делови на градот Газа, при што имало и жртви. Меѓу нив и петмина припадници на Хамаз, кои биле притворени и се наоѓале во едно полициско возило. Тие биле цел на напад на други вооружени лица од Хамаз, кои не знаеле кој се наоѓа во возилото и отвориле оган.

Голем револт предизвика еден друг инцидент со возило, во кој вчера животот го загубија осуммина припадници на Фатах, организацијата на претесдателот Махмуд Абас. Тие се наоѓале во автомобил на претседателската гарда во близина на граничниот ѕид што го кренаа Израелците кон палестинските автономни подрачја. Хамаз се обиде вината за убиството на осумтемина гардисти да ја префрли врз израелската армија.

“Израелските окупациони сили отворија оган од тенк врз возилото при што настрадаа осум припадници на палестинските власти“ - изјави портпаролот на Хамаз, Хамед.

На тоа стигнаа деманти од израелската армија, а и сведоци на настанот тврдат дека убиството го извршиле припадници на Хамаз. За да го сврти вниманието од инцидентот, припадници на Хамаз истрелаа касам ракети врз израелска територија. Во градот Здерот покрај спомнатите повредени лица падна и системот за снабдување со електрична енергија. Хамаз ја презеде одговорноста за нападот и најави нови.