1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Нови гости, стари навики“ - македонски туристички рефрен

Евтините арнажмани и субвенционираните чартер летови - мамка за странците да одмораат во Македонија. Државата очекува рекордна туристичка жетва, а туристичките работници се далеку порезервирани во прогнозите.

Во Македонија лани  во однос на 2011 година бројот на гостите  е зголемен за 2,5 проценти. Кај домашните туристи има намалување за 2,4, а кај странските зголемување за 7,3 проценти. „Годинава ќе ја поминеме границата од 400 илјади, а минатата година имавме 376 илјади странски туристи. Пред нас е рекордна туристичка година“, со оптимизам најавува Јордан Трајков, директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во Македонија.  Лани, Охрид и Струга пречекаа 28 илјади гости од Холандија, кои остварија над 145 илјади ноќевања. До средината на октомври, годинава од  земјите на Бенелукс на охридскиот аеродром се очекува да слетаат 114 чартери со околу 20 илјади гости. Ќе функционира и сезонската авио - линија Брисел – Охрид .

„Македонија учествуваше на 12 саеми низ светот. Агенцијата  до  јуни е во интензивна електронска капања преку Гугл .Тоа го правиме во соработка со Генералниот секретаријат на Владата. Започнавме и промотивна кампања во околу 15 земји преку печатени медиуми, билборди и веб сајтови. Повратниот ефект би требало да е повеќе од задоволителен“, објаснува Трајков.

ХОТАМ обвинува - ланските субвенции не се исплатени

„Хотелите се подготвени. Забелешките на гостите се земени во предвид. Две години се судрувавме со врнежливите мај и јуни. Коментарите беа: „Се‘ беше добро, само времето не не‘ послужи.“ Од најавените 30 илјади  од Холандија оваа сезона ќе дојдат 10 илјади гости помалку. Причина се неисплатените субвенции. „Имавме многу негативни коментари од трите големи оператори кои работат продажба и маркетинг  на Македонија во Холандија“, вели Дончо Танески од Хотелско – туристичката асоцијација на Македонија. Тој тврди дека државата, субвенциите  за странците требало да им ги исплати до крајот на 2012 година.

„Танески го користи ХОТАМ  во корист на една агенција со која тој е во спрега и неосновано не‘ обвинува.  Бара субвенции кои законски не им припаѓаат. Деновиве  ќе биде завршена сета операција со исплатата на субвенциите за странски гости. Според пресметките за 2012 година ќе бидат исплатени еден милион и педесет илјади евра,“ дециден е Трајков.

Ohrid See in Mazedonien

Листата на субвенционирани тур – оператори и земји се шири  

Годинава се субвенционираат и туристичките посети на Македонија на гости од Скандинавија, Русија и Украина, Јапонија и Обединетите Арапски Емирати. Според министерот за економија, Ваљон Сарачини, догодина на листата ќе се најдат и Германија, САД, Англија, Кина и Индија... „Задоволен сум што лани се остварени 122,3 милиони долари девизен прилив од туризмот“, изјави Сарачини.

Како до туристи со подлабок џеб?

Во еуфоричната туристичка приказна за Холанѓаните се забораваат ланските 50 илјади туристи од Турција чиј број ќе се зголемува, како и бројот на гостите од Полска. Заборавени се и домашните и гостите од соседните земји на Македонија. Тие поради високите хотелски и вонпансионски цени одмораат во други земји. Очајната патна инфраструктура во Македонија  е на врвот и можеби најголем проблем за развој на туризмот. Има и друга вистина - колку евтино се распродаваат македонските убавини. Според граѓаните кои егзистираат од туризмот, субвенционираните  гости во Охрид на пример трошат само на ѓеврек и вода: „Се согласувам дека е потребно квалитетно брендирање и да се позиционираме на светскиот пазар како туристичка дестинација. Но не смееме никого да одбиеме. Секој гостин е добредојден. Ако по нешто сме препознатливи, тоа е по гостопримството. Не смееме да ја направиме грешката и да одиме во ултра скап туризам. Не сме подготвени за тој залак. Уште треба да градиме бренд и да исполниме низа услови“, признава Трајков.

По ова хотелиерите и угостителите, барем во Охрид, се далеку порезервирани во очекувањата. Во Македонија и покрај ригорозните закони, јавна тајна е дека скриената бројка на туристи е поголема. Се‘уште е присутна појавата на нецелосно евидентирање на гостите, особено на домашните. Така недостигаат реалните бројки,со што сивата економија уште е на сцена.