1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Нови возбудувања во Бундеслигата

Натпреварите од германската фудбалска лига.

Од натпреварот Херта Берлин против Шалке

Од натпреварот Херта Берлин против Шалке

Баерн по победата дома против Хановер и натаму е без загубен бод во новото првенство, а сметано и со претходното, вчерашната победа му е 14-та последовна во првенствени натпревари, што е нов рекорд во Бундеслигата. Но, освен тој факт, други причини за посебно задоволство немаше, со оглед на слабата партија на победникот. Баерн рационално ги распоредува силите, за да држи чекор и во Лигата на шампионите.

Вердер му останува зад петиците на Баерн

Натпреварот во Бремен, во кој Вердер ја совлада Борусија Дортмунд со 3 спрема 2, беше веројатно најдобриот во петтото коло.

„Тоа беше борбена, но и игра од задоволство. Видовме шанси на обете страни. Навистина ова беше натпревар што го запира здивот и гледачите навистина можеа да уживаат. Мислам дека можеме да бидеме задоволни, бидејќи победивме“ – рече Кристијан Шулц, играч од одбраната на Вердер.

„Не не интересира што прави Баерн, ние не го бркаме него, туку играме за титулата и на крајот ќе бидеме први“ – самоуверено по средбата најави спортскиот директор Клаус Алофс.

За Борусија, пак, поразот во Бремен е прв на гостувањата од 19-ти февруари годинава.

Останатите натпревари од петотто коло

Хамбургер подзаостана – дома одигра само 1 спрема 1 со Ајнтрахт Франкфурт, кој израмни во последната минута. Оправдување домаќинот може да најде во фактот дека тоа му беше втор натпревар во неполни два дена, по настапот во Купот на УЕФА. Ни Шалке никако да се потврди како кандидат во борбата за врвот – во Гелзенкрихен ги подели бодовите со Херта во натпревар што заврши без голови. На крајот уште и можеше да биде задоволен, оти гостите цел час имаа играч повеќе, по рано заработениот втор жолт картон и исклучувањето на Жилберто.

За две екипи победите имаат посебно значење: Штутгарт со 2 спрема 1 во Мајнц го славеше првиот целосен успех во првенството, што веднаш му донесе скок во средината на табелата. Џовани Трапатони сега може да здивне и полека погледот да го врти кон горниот дел на табелата, каде смета дека му е местото на неговиот тим. Мајнц останува и натаму без освоен бод. Баер Леверкузен, два дена по смената на тренерот Клаус Аугенталер, како гостин го победи Дуизбург со 3 спрема 1.

„Се разбира, по смената на тренерот во секој тим има малку немир, и победата едноставно е добредојдена. Тоа ме радува – помалку заради мене, отколку генерално заради екипата, за играчите, кои исто така се најдоа на удар на критиката“ – рече Руди Фелер, кој од функцијата спортски директор по пет години повторно, но привремено се пресели на тренерската клупа. Клупското раководство би сакало тој таму и да остане.

„И јас понекогаш имам желби кои не се исполнуваат. За мене ова ќе биде кратко интермецо – колку кратково моментов не можам да оценам, за тоа ќе решиме во наредните денови“ – возвраќа Фелер.

Келн во првиот дел оствари убедлива предност од 2 спрема 0 против Борусија Менхенгладбах, што во вториот само настојуваше да ја сочува. Тоа му успеа, иако гостите постигнаа еден гол, но не направија целосен пресврт.

„Тотално горко е да се загуби ваков натпревар. Почнавме лошо. Подоцна се разбудивме и да игравме од почетокот така, можевме повеќе да постигнеме“ – разочаран беше Томас Брох, играч на Борусија.

Волфсбург дома одигра само 1 спрема 1 со Нирнберг – за гостите, кои се на претпоследното место со само два бода, охрабрување за наредните дуели.

И Арминија и Кајзерслаутерн ги поделија бодовите, но играјќи без голови.

„Секако дека предизвикува лутина кога дома ќе се одигра 0 спрема 0 против Кајзерслаутерн, при што не мислам обезвреднувачки, туку врз основа на гол-шансите што ги имавме во второто полувреме“ – реагира играчот на Арминија Матијас Хајн.

Наредното коло во Бундеслигата се игра веќе во вторник и среда.