1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нови визии, за нови спектакли и рекордни посети

Васко Василевски е нов директор на фестивалот „Охридско лето“. Успешната приказна, дополнета со нови идеи во програмата со космополитски дух и клиники за уметност во Охрид, е дел од целите на новиот менаџер.

default

Васко Василески

„Охридско лето“, најпознатата и најпрестижна музичко-сценска манифестација во Македонија, неколку години наназад освен со фестивалските настани во јавноста беше присутна и со честите смени на директори и долго трагање по нов менаџер. По два конкурси, на „жешкото“ менаџерско столче седна Васко Василески од Охрид. Ни малку нема да му е лесно да го трансформира фестивалот за да биде во чекор со светските трендови:

„Во секоја фестивалска програма мора да постои соодветна промена, но и да се зачува долговечноста, наспроти повторувањето на една константна форма, само заради отсуство на вистински интерес и немање визија на претходниот менаџмент. Моја заложба е потпишување договори со светски и врвни уметници, барање на право за снимање на петнаесет минути од нивниот настап или перформанс и ставање на ЦД или ДВД кои ќе се во сопственот на ’Охридско лето’. Материјалот ќе биде наменет за рекламирање на фестивалот или продажба на потенцијални купувачи. Тоа би значело дополнителен приход за ’Охридско лето’ и менување на стратегијата, фестивалот да не зависи само од буџетски средства, туку да биде и профитабилен“, вели Василески.

Привлекување и едуцирање нова публика и следење светски трендови

Класичната, репродуктивна музика, театарот, операта и балетот и натаму ќе се сржта на програмата. Објаснувајќи ги целите во неа, Василески открива:

„Тоа се пред се‘ следење на светските тенденции во развојот на класичната и современата уметност, размена на искуства со уметници од други културни средини, пласирање на нашата македонска класична и современа уметност, развивање на нов и млад аудиториум и негово едуцирање и внесување на публиката во развојот на класичната и современата уметност и вклучување на македонската уметност во европски и светски текови.“

Mazedonien Samoils Festung

Клиники или школи „Охридско лето “ ќе мора да има

Во светот терминот школи полека се заменува со клиники. Директорот Василески ќе бара поддршка од Управниот одбор погледот да го свртат и на таа страна :

„Ќе се залагам и за отворање клиники за класична музика, театар, танц и модерен танц и џез. И така ќе доаѓаат врвни уметници и сите ќе можат да држат мастер клиники. Посетителите и вљубениците во одредена област ќе можат да учествуваат во нив“.

Многу желби, а буџетот ограничен

Македонската јавност го знае Васко Василевски како брат и еден од менаџерите на светски познатиот гитарист Владимир Четкар. Тоа не му пречи, напротив му годи. Тоа зборува за мојата посветеност кон музиката и искуствата кои сум ги собрал по светот, вели тој. Го прашавме дали има свои адути кои сака да ги види на сцената на „Охридско лето“ за време неговиот мандат:

„Постојат многу, на пример: Роби Вакатош, наречен „виолинистот на ѓаволот“, виолинистките Реџина Картер и Ванеса Меј. Од барокот - Фабио Бјонди, од класиката - Џон Холовеј. Едноставно имам големи желби и идеи за ангажирање на врвни изведувачи. Но, мора да се види кои се нивните услови. Досега во фестивалот не се одело со онаа позната фаза во музичкиот бизнис, навремено ангажирање на уметниците. Ако договориме настап во декември или во јануари, сигурно цената ќе биде далеку пониска, отколку договорот во април или мај, кога може да е двапати повисока“, вели директорот.

Василески најавува енергичност и во контактите со Европската асоцијација на фестивали и со фондовите на култура во Европската унија, каде има пари за партнерства на фестивали од рангот на „Охридско лето“. Во јануари 2012 „Охридско лето“ е покането на една конференција во Брисел. Промената на статутот на фестивалот во Национална установа му дава одврзани раце да го разбуди „заспаниот“ Охрид и во зима со културни настани од висок ранг, истовремено борејќи се против кичот и шундот во културата денес. Директорот Василески вели:

„Имаме ’Охридско лето’, а зошто не и ’Охридска зима’. Не само фестивалот, туку и градот и хотелиерите ќе треба да го препознаат интересот во нашиот концепт“.

Во таа насока тој ќе се залага за возобнова или поактивно учество на спонзорите вклучени во, пред години формираниот, „Клуб на пријатели“.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска