1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нови бегалски драми во Средоземното Море

При нова бродска несреќа пред италијанскиот остров Лампедуза повторно се удавија повеќе десетици бегалци. Околу 200 беа спасени. Повиците за промена на бегалската политика на ЕУ стануваат сѐ погласни.

Повторно се пребројуваат мртвите, повторно брод со мигранти потона на патот кон Европа. Околу 30 луѓе овојпат очигледно го загубија животот, меѓу нив повоторно има жени и деца. Засега нема точни бројки. Но, има една разлика со несреќата која се случи измината недела и која предизвика запрепастеност: Овојпат по сѐ изгледа поголемиот дел од лицата кои доживеаја бродолом преживеаја.

Освен тоа други бродови побрзо пристигнаа на местото на несреќата. Еден брод од Малта успеа да спаси околу 150 луѓе. При оваа спасувачка акција очигледно спасувачките служби на Малта и Италија добро соработуваа - имало случаи кога тоа не било така.

Исто така и по оваа несреќа повторно можеа да се слушнат многу гласови, кои бараат нова политика за бегалците и мигрантите. Тие бараат европски решенија. Андреа Петини од италијанскиот Црвен крст апелира: „Зборуваме за луѓе кои бегаат од воени сценарија за да го спасат својот живот“.

Не станува збор за можности за вработување, туку за потрага по можност за живот: „Ако тоа го означиме како економски бегалци, тогаш тоа е тажно“. Тој затоа бара отворање на хуманитарен коридор. Тоа повеќе не било нужност туку прашање на човечност.

Italien Flüchtlingsdrama Lampedusa Flüchtlingsboot

Бегалските драми пред Лампедуза се честа појава

И додека целите размери на оваа несреќа ќе станат видливи најверојатно во текот на викендов, Ламедуза сѐ уште ги обработува последиците од последната катастрофа. И вчера повторно беа пронајдени тела, со што бројот на загинатите во несреќата пред повеќе од една недела се искачи на 339 лица.

Градоначалничката на Лампедуза Џузи Николини по новата катастрофа резигнирано изјави: „Тоа за нас е нормално“. Честопати ваквите бродски несреќи не се наоѓаат во вестите.

Малиот средоземноморски остров Лампедуза оваа недела не прифаќа само бегалци, туку и голем број мртви. Првите сандаци, кои досега се наоѓаа во хангар на аеродромот, денеска треба да бидат транспортирани. Италијанскиот премиер Енрико Лета вети државен погреб за жртвите.

Заедно со неговиот колега од Малта, Јозеф Мускат се надева на поголемо единство и поголеми заеднички напори во Европа. Двајцата водеа телфонски разговор и на наредниот самит на ЕУ на крајот на октомври во Брисел сакаат да ја стават темата високо на агендата. Италија и Малта сѐ уште се надеваат на европско решение.