1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нови бази на џихадистите на Синај

Ситуацијата на Синајскиот Полуостров ескалира. Милитантите напаѓаат секојдневно. Постојано се појавуваат нови терористички групи. Експертите за безбедност вршат анализи кои се наjсилни групи и дали се меѓусебно поврзани.

Безбедносната ситуација во Каиро и во Александрија е напната, а на Синај е катастрофална. Од соборувањето на исламистичкиот претседател Мохамед Мурси пред две недели, милитантните групи секојдневно убиваат војници, полицајци, цивили. Силите за безбедност изгледаат немоќни во намерата да го контролираат целото подрачје. И експертите за безбедност со загриженост ја следат ситуацијата на Синај.

„Безбедносниот систем во последните две недели е целосно урнат“, вака ситуацијата ја опишува Арон Зелин од Институтот за блискоисточна политика во Вашингтон. Многу актери ја користат новонастанатата ситуација по пучот против Муслиманското братство, вели Зелин за Дојче веле.

Исламска држава на Синај?

По Сомалија, Јемен и Хиндукуш, очигледно е дека сега се отвора нов простор за операции на сите видови екстремисти. Салафистите и џихадистите таму основаат свои групи, објаснува Мухамед Фајез Фарахат од Центарот за политички и стратешки студии Ал Ахрам во Каиро. Тие структури, вели тој, од падот на Мубарак во почетокот на 2011 година, се стремат кон основање исламска држава на Синај. Сходно на тоа, констатно регрутираат борци и акумулираат оружје. Во текот на минатата година се основани повеќе различни организации, како на пример Џихад ал ислам или Ансар баит ал макдис. Некои од нив се блиски веројатно до Ал Каеда. Според оценката на експертите Фарахат и Зелин, екстремистичките групи на Синај и оние во Појасот Газа се тесно поврзани. Во сето тоа се меша изгледа сепак и радикалниот палестински Хамас.

Но, и за самите експерти е тешко согледливо кои групи оперираат во пустината на север и на планините во јужниот дел од Синај. За бројот на борците кои таму се наоѓаат и потенцијалните помагачи, постојат само нагаѓања.

Ägypten Soldaten Sinai

Египетски војници на Синај

Теренот на Синај е идеален за екстремисти

Покрај радикалните исламисти кои потекнуваат од различни земји, вооружените бедуини исто така придонесуваат за несигурност на регионот. Бедуините се чувствуваат исклучени поради развојот на туризмот на Црвеното Море, а многу од нив живеат од шверц на луѓе, оружје и стока и тоа отворено. Алармантно е и тоа што за бедуините се создаде слика на помагачи на Ал Каеда, што стручњакот на Блиски Исток го демантира:

„Претпоставката оти сите бедуини кои носат оружје и пукаат на владините безбедносни пунктови се џихадисти или припадници на Ал Каеда, целосно е погрешна“, вели Џезиг Сајиг од Фондацијата Карнеги од Бејрут. Но, во секој случај постои некој вид соработка, вели тој.

Со оглед што египетската војска на Синајскиот Полуостров и ја нема, тој пустински слабо населене регион е идеален за екстремистите. Во 1979 година со спогодбата на Израел и Египет, Синај е прогласен за демилитаризирана зона. Источно од Суецкиот канал донеодамна не беше дозволено стационирање тенкови, борбени авиони или хеликоптери. Но, неодамна стигна зелено светло од владата во Ерусалим дека Каиро во пограничниот дел може да го зголеми присуството на свои трупи.

Од 2012 година во терористичките напади на Синај загинаа голем број Израелци. Сепак, експертите мислат дека египетската војска немала голем интерес за акција против исламистите.

„Но сега, откако е симнат од функцијата претседателот Мурси, војската е слободна да преземе неопходни мерки против џихадистите на Синај“, смета Мухамед Фајез Фарахат.