1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Новиот „Обама“ во Русија

Во Русија досега немало политичар со темна кожа. На регионалните избори, годинава се кандидираше темнокожиот Јоаким Крима, како и Филип Кондратјев, чиј татко потекнува од Гана. Дали феноменот „Обама“ ја зафаќа и Русија?

default

Јоаким Крима

Неодамна поранешниот американски претседател Џими Картер отвори дебата за расизмот во САД, кога рече дека силните критики со кои се соочува Барак Обама во однос на својата политика, главно се базирани на расистички навреди. Белата куќа брзо прокоментира дека претседателот, лично, не ги дели таквите ставови. Но, во Русија, од друга страна, расизмот е дел од секојдневието за околу 100.000 африкански имигранти. И досега никогаш не постоел политичар со темна боја на кожата.

Во југозападниот дел на Русија, во близина на градот Волгоград, 37-годишниот Јоаким Крима, родум од Гвинеја-Бисао, учествува на регионалните избори, кои треба да се одржат на 11 октомври. Руските и меѓународните медиуми брзо го нарекоа Обама – иако тој не го заслужува таквиот прекар: кандидатурата на Јоаким Крима навистина предизвика возбуда и дури беше причина за кандидатурата на уште еден обоен кандидат за истите избори.

Јоаким Крима - новиот политичар во Среднаја Атуба

На пазарот во Среднаја Атуба: трговците ги продаваат своите производи на пазарот за зеленчук во Среднаја Атуба и топло го поздравуваат Јоаким Крима. „Нашиот нов гувернер“, го поздравува еден маж, други го

Schwarze Kandidaten Regionalwahl Russland

Крима на пазарот во Среднаја Атуба

распрашуваат за напредокот на неговата изборна кампања. На пазарот, 37-годишниот маж се чувствува како дома. Тој е сопственик на една од тезгите тука, кадешто неговата жена, по потекло од Ерменија, продава лубеници и кромид. Но, Крима не бил отсекогаш добредојден во Среднаја Атуба. „Кога се преселивме тука, забележав дека луѓето минуваа од другата страна на улицата веднаш штом ќе ме видат - очигледно за да ме избегнат. Тогаш ми падна на памет една идеја. Започнав да им пристапувам на луѓето и им велев: „Не се плашете, јас сум добар човек.“ И полека луѓето се навикнаа на мене. Денес многумина ја преминуваат улицата само за да дојдат од оваа страна и да се поздрават.“

Јоаким Крима е роден во Гвинеја Бисао и дошол во Русија пред 20 години, како студент. Во меѓувреме, добил руски пасош. Неговиот нов роден град се наоѓа во сиромашна провинција на југозападот на Русија. Тука голем дел од луѓето немаат пристап до гасоводите, ниту до водоводните цевки, па незадоволството од локалната политика е големо. Неколку месеци претходно, руските „политички мозоци“, кои се поврзуваат со локалниот огранок на владејачката партија „Обединета Русија“ го запознале Јоаким Крима и одлучиле да го претворат во „руски Обама“. Крима веднаш се согласил со идејата – трудејќи се широко распространетите предрасуди против обоените луѓе да ги искористи како своја предност.“

„Ќе работам како роб“

„Мојот изборен слоган е: Ќе работам како роб. И верувајте ми: токму тоа е она што му треба на овој регион со сите негови проблеми. Кога Русите сакаат да кажат дека работеле многу и дека се уморни, тие ќе речат: „денеска

Russland, Moskau, Kreml, Moskwa-Fluss, Ufer

„Политичките мозоци“ од Кремљ со план за темнокожиот политичар

работев како роб“, само што тие користат понавредлив термин. Во Русија постои таа асоцијација на тешка работа и да се биде црнец-роб, па зошто не би го искористил тоа и во мојот случај? Јас не гледам ништо лошо во тоа.“

Јавна тајна е дека „политичките мозоци“ од Кремљ имаат зацртано план во мозокот за Јоаким Крима: тој треба да ги привлече гласовите на незадоволните граѓани, но во истовреме и нема да му наштети на кандидатот на актуелната власт. Се‘ ова е типична игра во руската регионална изборна кампања. Но Крима, кој зборува пет јазици и има две универзитетски дипломи, веќе се има еманципирано. Тој стана кандидат – гениј и според истражувањата на јавното мислење, неговиот рејтинг забележува пораст, вели Андреј Серенко, политички новинар од Волгоград.

„Крима зборува токму за оние теми кои ги загрижуваат луѓето. За разлика од останатите кандидати, кои доаѓаат со скапи автомобили за време на изборна кампања, тој е еден од нив, обичните луѓе. Тој вели: погледни ме, живеам во исти лоши услови како и ти, опкружен со руини и без гас и вода. Крима е типичен Русин, кој со двете нозе цврсто стои на земјата.“

Филип Кондратјев - проектилот кој ќе го уништи Крима

Популарноста на Крима се зголемува, бидејќи дел од неговата изборна стратегија е да го величи рускиот премиер Владимир Путин и неговата „Обединета Русија“.

Schwarze Kandidaten Regionalwahl Russland

Филип Кондратјев

Сето ова му создава повеќе причини за загриженост на политичкиот естаблишмент во регионот, вклучувајќи ги и тие кои помогнаа во креирањето на Крима како политички феномен. Така, наеднаш на сцената се појави и друг кандидат со темна боја на кожата – најверојатно по наредба на Москва. Триесет и четиригодишниот Филип Кондратјев од Волгоград има мајка-Русинка и татко од Гана и силно го критикува Крима дека не е вистински Русин. Кондратјев има и мисија, која мора да ја исполни, вели Серенко: „Новиот кандидат Филип Кондратјев е нов проектил, кој треба да го уништи првиот проектил: треба да го порази Јоаким Крима. Сите овие преземени активности покажуваат едно нешто: луѓето од власта изгледа се уплашија од Крима."

Самиот Јоаким Крима досега е индиферентен на се‘ што се случува. Тој сонува за политичка кариера, дури и во Москва. И каков и да е изборниот резултат во октомври: широкото известување за кандидатурата на Јоаким Крима можеби ќе го отвори патот за луѓето со црна кожа во руската политика. За луѓето од отворениот пазар во Среднаја Атуба, Јоаким Крима веќе е херој.

Автор: Марајке Аден / Ана Алибегова