1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Новиот ЗКП ќе стави крај на „судењето пред судење“

Полициската и обвинителската истрага се надополнуваат, а судската истрага практично се прескокнува, но не се заменува со формална обвинителска истрага, предвидува новиот Закон за кривична постапка во Македонија.

Со новиот Закон за кривична постапка, кој ќе почне да се спроведува од 1 декември, во целост се менува концептот на досегашната постапка дизајнирана како службена истрага на судот. Јавноста не е многу запозната со новите реформи, па деновиве често се поставува прашањето - што суштински се менува? Според правни експерти, учесници во Работната група за измени на законот, напуштањето на судскиот патернализам не е едноставна замена на судската истрага со обвинителска. Полициската и обвинителската истрага во новиот систем се надополнуваат и фузионираат, а судската истрага практично се прескокнува, но не се заменува со формална обвинителска истрага.

Збогум на инквизиторната постапка

Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет на УКИМ и член на Работната група, вели дека со новите измени се напушта една, во суштина инквизиторна постапка.

„Идејата е постапката во истрагата да се забрза со тоа што ќе нема судска истрага, која досега не ни беше истрага, туку изведување на докази уште во истрагата или еден вид 'судење пред судење'. Зајакнувањето на досега канцелариски затворениот обвинител кој целосно зависи од МВР, а кое има монопол на истрагата, со криминалистички инспектори кои ќе работат во неговиот тим, би требало да овозможи ефикасност и брзина на обвинителството кое нема да мора се‘ да чека од МВР и од други државни органи и да се допишува со нив. Судењето би требало да се забрза и поради фактот што судот и ЈО нема да може до бескрај да собираат докази по подигање на обвинението. Судот не предлага докази, а обвинителството треба сите докази да ги собере пред да почне судењето“, ги објаснува Калајџиев новините во законот.

Mazedonien Justiz Amtsgericht

Истражната постапка ќе се деформализира

Една од главните причини за напуштање на судската истрага, е тоа што истражниот судија досега се покажал како неефикасен и во двете улоги: во суштина не собирал многу нови докази, различни од оние што претходно веќе ги собрале органите на откривање и гонење, ниту пак ефикасно ги штител правата и слободите на поединецот. Сега истражната постапка ќе се деформализира. Доказите веќе нема да се изведуваат, туку само ќе се собираат, а за прв пат ќе се изведуваат на главната расправа, освен во определени случаи каде што може да се организира посебно доказно рочиште, кога се очекува дека сведокот нема да може да учествува на главната расправа. Со ова, новата македонска казнена постапка се приклонува кон модерните демократски казнени процедури кои правично ги балансираат интересите на државата за ефикасен казнен прогон, со правото на обвинетиот на фер-судење.

Страв од злоупотреби

Јавноста засега не е многу запозната со реформите што ги носи новиот ЗКП, па веќе се појавија одредени стравувања. Деновиве, претседателот на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење комуникации, Тито Петковски, изрази сомневање дека „е на повидок уште едно класично нарушување на човековите права, со оглед дека Јавниот обвинител ќе биде главен во процедурата за одобрување на посебните истражни мерки откако со измените на Законот за кривична постапка (ЗКП) ќе се укине функцијата истражен судија“. Тој го постави прашањето - дали некој обвинител може да ја злоупотреби својата положба и да примени посебни истражни мерки - следење на комуникации, за сопствени лични цели и против лица кои воопшто немаат допирни точки со некое кривично дело.

Mazedonien Justiz Appellationsgericht

„Ако досега Комисијата е безгласна буква во следењето на комуникациите, како сега ќе се контролира работата на јавниот обвинител, а демократијата да не биде повторно негативно оценувана во извештаите на ЕУ“, праша Петковски.

Според судски извори, ваквите стравувања се неосновани.

„Јавните обвинители во новата казнена постапка не треба да го заменат истражниот судија во смисла на тоа сега тие да преземаат формални истражни дејства, што обично е првата идеја која на луѓето им паѓа на ум, за замената на судската истрага со обвинителска. Напротив, тимот на инспектори и други соработници на јавното обвинителство ќе работи на проверките на обвинителството кога тоа ќе го добие случајот, наместо предметот да го враќа назад на полицијата, а подоцна да го проследува до истражниот судија. Со тоа истрагата многу ќе се поедностави и забрза преку значителното редуцирање на бројот на работни станици низ кои еден предмет сега минува во претходната постапка“, велат судски извори.

Обвинителството подготвено

Денес повеќето современи држави водењето на целата претходна постапка му го доверуваат на јавното обвинителство, во тесна соработка со полицијата и со сè поголемиот број специјализирани органи кои работат на откривање различни форми на криминал и корупција. Тоа не значи дека полицијата ќе се „повлече“ од натамошната работа на случајот по предавањето на пријавата до јавниот обвинител. Според експертите, и раководната улога на јавниот обвинител не треба да се сфати како потценување на полицијата и другите државни органи.

Mazedonien Justiz Akte

Тимот на инспектори и други соработници на јавното обвинителство ќе работи на проверките на обвинителството кога тоа ќе го добие случајот

Напротив, ако не соработуваат уште од најрана фаза на постапката, тие може да дојдат и во конфликт, кога на крај на истрагата јавниот обвинител ќе оцени дека можеби доказите не се доволни или не се законито изведени, и ќе мора да го отфрли случајот, бидејќи и самиот нема да може истиот да го добие на суд. Од друга страна, блиската соработка на јавниот обвинител со полицијата МВР ќе го растовари од обвинувањата дека е политизиран и селективен во кривичните истраги. Тоа позитивно ќе се одрази врз унапредувањето на професионалноста на полиција, но и во зголемената доверба во неа.

Сега останува Обвинителството да ја оправда значајната улога што ја добива со оваа реформа. Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, вели дека се целосно подготвени за имплементирање на промените во новиот ЗКП во делот на јавнообвинителското постапување, и тоа за сите обвинителства и во сите фази од постапувањето.

„Начинот на кој ќе се спроведува кривичната постапка во кривичните предмети во сите фази, согласно со одредбите на новиот Закон, ќе доведе до побрзо и поефикасно исполнување на основните постулати на кривичното законодавство и тоа како во поглед на конкретните предмети, така и во глобална смисла, а пред се‘ овде мислам на спроведување на правдата. Очекуваме дека јавното обвинителство без никакви потешкотии и целосно организирано и структурирано, а заради претходните интензивни подготовки, уште од првиот ден ќе може реално да го применува новиот Закон за кривичната постапка“, вели Зврлевски.

Symbolbild Hammer Gericht

Новата практика од 1 декември ќе покаже дали Македонија навистина направила квалитетен реформски исчекор

Според експертите, со новата „обвинителска“ истрага, Србија, Хрватска и Црна Гора западнале во замката јавниот обвинител да ги спроведува сите оние истражни дејства што досега ги вршел истражниот судија, иако и тој е странка во постапката. За разлика од нив, во сите модерни акузаторни истраги, не постои формална судска истрага. Од тој аспект, во подобра реформска позиција се Босна и Херцеговина, Косово и Македонија, каде формалната судска истрага практично се прескокнува, по примерот на современите модели на кривичните постапки во САД, Италија, Германија и други европски држави.

Ваквите тврдења на домашните експерти многу брзо ќе бидат ставени на тест - новата практика од 1 декември ќе покаже дали Македонија навистина направила квалитетен реформски исчекор во таа сфера.

Поврзана содржина