1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Новинар на „Њујорк тајмс“ протеран од Кина

„Њујорк тајмс“ предизвика бес кај кинеското раководство со обелоденувањето на информацијата за огромен имот на семејството на премиерот. Сега нивниот дописник од Пекинг Крис Бакли мора да ја напушти Кина.

Народна Република Кина повторно протера странски новинар. Дописникот од Пекинг на американскиот весник „Њујорк тајмс“, Крис Бакли вчера (31.12.12) мораше да ја напушти земјата, откако не му беше продолжена визата. 45 годишниот Австралиец со неговата сопруга и ќерката отпатува за Хонгконг.

Според ставот на набљудувачите проблемот со визата на Бакли е поврзан со кинеската лута реакција, поради тоа што весникот го обелодени големото богатство на семејството на премиерот Вен Џијабао. Како реакција властите веќе ја блокираа интернет страницата на „Њујорк тајмс“ во Кина.

Второ протерување по Мелиса Чан

Според информации на агенцијата ДПА, кинеските власти одбивањето на продолжувањето на акредитацијата не го образложија со информациите за семејството на Вен Џијабао. Меѓутоа и идниот шеф на канцеларијата на „Њујорк тајмс“ во Пекинг, Филип Пен, веќе со месеци чека на виза. Тој барањето за акредитација го поднел уште во март.

Journalistin Melissa Chan Al Dschasira

Американската новинарка Мелиса Чан мораше да ја напушти Кина во 2012

Во мај минатата година, американската новинарка Мелиса Чан, која работеше за англиската програма на арапската телевизиска станица Ал Џезира, мораше да ја напушти Кина. Тоа беше прво протерување по 14 години, сфатено како обид да се зголеми притисокот врз странските новинари.

Австралиецот Бакли од 2000. година работи како новинар во Кина. Последно, овој искусен познавач на Кина работеше за агенцијата Ројтерс, пред во септември 2012. повторно да се врати во „Њујорк тајмс“. Џил Абрамсон, главен уредник на весникот, го повика министерството за надворешни работи во Пекинг, да му издаде виза на Бакли, колку што е можно поскоро и да му дозволи повторно да се врати во Пекинг.

Санкции и против Блумберг

Информациите на весникот за имотот на роднините на премиерот како и слични вести обелоденети од новинската агенција Блумберг за семејството на новиот партиски шеф Кси Џинпинг во Кина предизвикаа голема вознемиреност. Исто така и интернет страницата на оваа американска агенција е блокирана.

Односот кон Бакли е дотолку зачудувачки, бидејќи визата за авторот на непријатните обелоденети информации, Дејвид Барбоза, во Шангај беше продолжена без проблеми. Експерите претпоставуваат дека последната акција не е насочена лично против Бакли туку се однесува на медиумот.

Во понеделиникот „Њујорк тајмс“ откри како семејството на поранешниот шеф на централната банка Даи Ксианлонг стекнало голем профит со купувањето на осигурителни акции. Поранешниот шеф банкар во 2002. година имаше надзор и врз осигурителната индустрија. Денес Даи Ксианглонг управува со околу 150 милијарди американски долари вредниот државен фонд за социјално осигурување, еден од најголемите инвестмент фондови во светот.