1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Новинарство на лична одговорност

Поради притисокот на ЕУ, а по пример на Србија, црногорската влада одлучи да формира комисија која би требало да ги расветли нападите врз новинарите кои се случуваа во текот на изминатите години во таа држава.

Комисијата, која според зборовите на црногорскиот министер за внатрешни работи Рашко Коњевиќ, ќе ја сочинуваат припадници на полицијата, обвинителството, невладиниот сектор и медиумите, ќе има многу тешка работа, затоа што речиси ниту еден посериозен напад врз новинари, уредници и сопственици на медиуми во Црна Гора не е расветлен.

Долга листа злосторства

Пред девет години е убиен директорот на најтиражниот дневен весник „Дан“ Душко Јовановиќ. Освен едно лице кое е осудено за соучесништво, не се откриени директните извршители, нарачатели и инспиратори на убиството. Не се откриени ниту напаѓачите на директорот на највлијателниот весник „Вијести“ Жељко Ивановиќ и на книжевникот Јеврем Брковиќ, како ни убијците на неговиот придружник Срѓан Војичиќ.

Montenegro Dusko Jovanovic

Директорот на „Дан“, Душко Јовановиќ, беше убиен во 2004 година

Во последно време беа претепани новинарите на „Вијести“ Оливера Лакиќ и на „Монитор“ Туфик Софтиќ. Неодамна изби и т.н. „афера црна тројка“ поради тоа што поранешни полицајци во медиумите изјавија, а сведочеа и во обвинителството, дека во црногорската специјална полиција постоеле екипи за претепување новинари и опозициони политичари. Последниот напад врз Софтиќ се случи пред два месеца, кога пред неговата куќа е фрлена експлозивна направа. Но, истрагата застана, а Софтиќ во изјава за ДВ вели дека исклучително многу го чуди неефикасноста на црногорската полиција во двата негови случаи. „И не само тоа, туку се прават обиди тие случаи да се турнат под тепих. Јас верувам дека Европа тоа нема да го дозволи“.

На мета критичарите на режимот

Tufik Softic

Новинарот на „Монитор“, Туфик Софтиќ, во болница откако беше претепан пред неговата куќа во 2007 година

Факт е дека жртви на сите досегашни нерасветлени напади биле исклучиво новинари и медиуми кои укажуваат на најголемите проблеми на црногорското општество - корупција на високо ниво и спрега на организираниот криминал и врвовите на власта. Исто така, сите апели, притисоци и барања упатени до властите во Подгорица од страна на меѓународните новинарски организации, ЕУ и САД да се спроведат делотворни истраги и тие случаи да се расветлат, беа попусти. Кога ќе се земат предвид и зачестените судски процеси против независните медиуми, не треба да чуди што Црна Гора според степенот на медиумски слободи во регионот е на последно место.

Главниот уредник на независниот подгорички неделник „Монитор“, Есад Кочан, за ДВ вели дека поради притисокот на власта извршувањето на таа професија во Црна Гора станало речиси неиздржливо. Кочан додава дека сега е потешко да бидеш новинар отколку во времето на војните на подрачјето на поранешна Југославија. „Новинарството во Црна Гора не е нормална професија, туку занимање кое луѓето го извршуваат на лична одговорност“, вели Кочан.

Новинарите бараат дела

Во секој случај, пред идната комисија стои многу обемна и тешка задача. Не само што сите акции ќе бидат будно надгледувани од медиумите, цивилниот сектор и Европската комисија (зашто од напредокот во тоа подрачје зависи затворањето на преговарачкото поглавје 23), туку и затоа што по аферата „црна тројка“ владее голема недоверба на медиумите во решителноста и подготвеноста на државните органи да ги расветлат наведените случаи на напади врз новинари. Нападнатиот директор на „Вијести“ Жељко Ивановиќ на властите им порача: „Веќе не веруваме во чии било добри намери, ниту во добри зборови. Веруваме само во дела“.