1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Новинарството е опасна професија

Трети мај е меѓународен ден на слободата на печатот. Во многу земји во светот и денес новинарите кои пишуваат критички извештаи, мораат да стравуваат за својата слобода и дури и животот

default

Новинарските критики во многу земји се казнуваат со затвор

„Сакаме да го свртиме вниманието на ситуацијата на новинарите кои се зад решетки. Во моментов во светот, во повеќе од 30 земји, ги има 130, некои се осудени на повеќегодишни затворски казни“,вели Елке Шефтерс, раководителка на организацијата Репортери без граници во Германија,која ги знае нивните судбини. Се‘ што направиле тие е што всушност си ја извршувале својата работа. Како на пример Вим Тим од Бурма, кој во 1989 година беше осуден на 20 години затвор поради пропаганда против владата. Кинезот Ху Ча не го изразил своето мислење во весник, туку во својот блог, за тоа добил три години затвор.


Кина не ги исполни ветувањата


Кина е средишна точка на протестите на Репортери без граници, зашто во оваа земја има најголем број новинари зад решетки: 31. Кон тоа доаѓаат и повеќе од 50 Кинези како Ху Ча, кои преку интернет критички се изкасниле за ситуацијата во Кина и со тоа заработиле казни. Елке Шефтер потенцира:

„Кина самата ја поврза кандидатурата за Олимписките игри со ситуацијата со човековите права. Таа вети подобрувања. Сега е 2008 година и мораме да речеме: наместо 14 новинари во 2001 година, сега во затвор има 31. Значи, нема збор за подобрување. Затоа се чувствуваме повикани уште еднаш сосема јасно да протестираме и да извршиме јавен притисок за нешто да биде преземено.“


Новинарите на удар


Уште подраматична отколку во Кина е ситуацијата во Еритреја, проценуваат Репортери без граници. Таму од 2003 година независните медиуми се целосно забранети, затворени се 16 новинари.

Податоците на Репортери без граници покажуваат дека од почетокот на оваа година во светот биле убиени 28 новинари, во 2007 вкупно 171, а уапсени 887 новинари.

Слободата не печатот е една од слободите за мир и демократија, нагласува инаку во пораката по повод 3 мај генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.



►◄