1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Новинарски извештаи под смртни закани

Како стипендијант на Фондацијата за политички прогонувани од Хамбург, во Германија престојува новинар од северен Кавказ, чиј живот во татковината е загрозен.

default

Руслан не сака да биде фотографиран

Веќе 25 години хамбуршката Фондација за политички прогонувани лица поддржува уметници, научници и писатели во нивната борба за правда, демократија и човекови права. Тие доаѓаат од цел свет, најчесто работат под смртна закана, не откажувајќи се сепак од своите цели и вредности. Хамбуршката фондација овие луѓе ги кани на едногодишен престој во Германија за да соберат сили и да ги засолни на сигурно.

Еден од стипендијантите е новинар од северен Кавказ. Неговото вистинско име не смееме да го наведуваме, ниту пак каде живее, зашто крупниот човек се плаши за својот живот.

„Имам роднини во Русија и затоа морам да бидам внимателен. Не смеам да го загрозам моето семејство“.

Руслан, како што самиот се нарекува, го сретнавме во едено кафуле во еден германски град. Луѓето околу него седат, јадат, разговараат гласно. Пред Руслан е само шолја кафе.

„Всушност, немам многу време, работам главно на компјутер, читам, пишувам извештаи“, вели Руслан.

Stipendiat Ruslan

Луѓе исчезнуваат секој ден

Руслан од 2006 година се бори за поголеми човекови права во неговата татковина, северен Кавказ, каде веќе две децении се води граѓанска војна. По распадот на Советскиот сојуз, често доаѓаше до вооружени конфликти во овој регион, кој се чини заборавен од светот. Жариштето е во Чеченија, која се бори за независност. Но, борбата одамна е проширена и во другите области во регионот.

„Во нашиот регион се убива, исчезнуваат луѓе, има пресуди без судска постапка. Ние известувавме за таквите случаи, а на федералната валст не и‘ се допаѓа ширењето на овие информации“.

Само неколку месеци откако Руслан започнал да известува за ваквите случаи, бил изложен на притисок: „Почнува прикриено, најпрво повикуваат на разговори во одредени служби, потоа доаѓаат барања да соопштиш информации за постоење оружени сили во илегала. Сеедно е дали ги имаш овие информации или не, од тебе се бараат и тоа упорно. Потоа стигнуваат телефонски повици со смртни закани. Во мојот случај потоа следеше и напад со оружје врз мене од автомобил во движење“.

Руслан по тој инцидент со жената и со децата избегал во една источноевропска земја, каде добил статус на политички бегалец. И покрај тоа, не се чувствува безбеден: „Во источна Европа е тешко да се чувствуваш безбеден, влијанието на Русија е се‘ уште многу присутно“.

Stipendiat Ruslan

Живот во постојан страв

Бегство од Кавказ

Руслан две години воопшто не пишувал, но се‘ потешко му паѓало да седи со скрстени раце, настрана од настаните. Така повторно се зафатил со новинарска работа. По текстот за смртта на негов колега, Руслан и во новата татковина почнал да добива смртни закани. Со помош на германската организација на „Репортери без граници“ преку Германија и Австрија стигнал во Норвешка, каде не го прифатиле неговото барање за азил и го вратиле во источна Европа. Во меѓувреме, Руслан повторно е во Германија, благодарејќи на стипендијата на хамбуршката фондација за политички прогонети. Сега повторно пишува за настаните во татковината. Но, стипендијата му е при крај, го чека повторно враќање во источна Европа, каде ќе остане ако во меѓувреме во Русија ништо не се промени. Руслан и самиот е свесен дека му останува само надежта.

Автор: Џанин Албрехт/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска