1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарската етика не се уредува со закон

Катерина Блажевска5 февруари 2016

Mедиумската регулација има смисла ако има институции и субјекти кои доследно ќе ја спроведуваат. Во спротивно, затрупаното медиумско корито се заканува да се излее, велат новинари и медумски експерти.

https://p.dw.com/p/1Hq7v
Фотографија: MIA

Нема договор за медиумските реформи. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вчера пред почетокот на разговорите во Работната група го отфрли предлог-законот за медиуми поднесен од СДСМ, со оценка дека е фрапантно лош. СДСМ, пак, предлог-законот го смета за 'црвена линија' од која не отстапува. Лоша регулација, премногу регулација или нејзина слаба имплементација? Ова се прашањата за кои деновиве се води интензивна дебата во партиски и новинарски кругови. Што му е потребно на македонското новинарство?

Не ни треба нов Закон, туку нов хоризонт, вели Миле Јовановски, новинар, основач и поранешен издавач на повеќе медиумски проекти.

„Македонија е држава со затворен хоризонт и се она што доаѓа како нова и здрава идеја која треба да протече над хоризонтот, поради неговата затвореност - се враќа назад и дополнително не дави. Овој опис ми се чини соодветен за идејата дека во 'пет до дванаесет' пред изборите ќе успееме да го регулираме медумското корито. Тоа нема да се случи. И досега имаше закон, имало и пари за тоа, ама гледаме дека тој што ги добил за да го чисти коритото, со нив денеска отвoра ТВ Нова. Македонија има закони, ама нема институции кои истите ќе ги спроведуваат. Има премиер кој на граѓаните се повикува само тогаш кога треба да ја одиграат улогата на народ (се друго може сам, и само тој знае како). Ним, на граѓаните, очигледно не им пречи да бидат театрална фикција“, констатира Јовановски.

Mazedonien Skopje Club der Parlamentarischen Repräsentanten
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Но, состојбата се чини уште потешка кога станува збор за новинарите, кои треба да ги имплементираат промените во регулативата и да и ја понудат на јавноста очекуваната објективност во информирањето. И досега имало закони, но прашањето е - дали има новинари?

„Има, но најгласни меѓу нив се оние кои денеска бараат нова регулација на медиумите, а само пред една година беа приклучени на апаратите за медиумска дијализа кои ги финансира Груевски. Не сум песимист во делот дека партиите ќе постигнат компромис и ќе донесат некаков нов закон за меидиумите. Но, убеден сум дека тој успех ќе биде уште едно напредување во назадувањето на Македонија, и дека дополнително ќе го замати медиумското корито, кое најверојатно целосно ќе се излие пред изборите. Да се надеваме дека тогаш кога водата ќе ни дојде преку глава, ќе не натера да се искачиме повисоко и да го побараме новиот хоризонт“, вели Јовановски.

Изберете го кој било европски закон!

Кога имплементацијата неслучајно е најслабата алка, тогаш секој закон може да биде добро покритие за одржуваната лоша состојба. Оттаму, не е чудно што и старите решенија кои не дале резултат, се сметаат како добра основа за нови промени. А за да се затвори медиумското прашање, власта прифаќа и да се преземе кој било европски закон.

„ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека актуелниот закон за медиуми е изработен во согласност со сите европски стандарди и ги има добиено сите позитивни оценки од релевантните меѓународни институции кои учествуваа во неговата подготовка, и од релевантните здруженија на новинари во Македонија. Ако ваквиот став не е прифатлив, јас ќе ги ставам на маса сите закони за медиуми на европските држави. Ќе ги замолам претставниците од СДСМ кој закон сакаат да го изберат, да го преведеме, да го изгласаме и да го имплементираме што е можно побрзо“, порача Илија Димовски, член на Работна група.

СДСМ соопшти дека не отстапува од понудениот предлог.

„Тоа се позиции што значат објективно, непрестрасно и професионално информирање на медиумите. Нема причина никој да биде загрижен ако ја работи професијата така како што треба. Единствено можат да бидат загрижени оние кои и досега ги кршеа елементарните основи на новинарската професија“, одговори Роберт Поповски, член на Работната група. Посредникот во разговорите, Питер Ванхауте, ги повика партиите да постигнат компромис за регулација на медумската сфера, со нов закон кој нема да биде нечија копија.

„Не е добра идејата да се копира од европските земји и да се земаат закони од нив затоа што вие имате различен правен систем, друг устав, друг менталитет... Затоа, ве молам, обидете се да го искористите она што го имате и да го подобрите тоа“, порача Ванхауте. Поради ваквиот став медијаторот експресно „заработи“ серија навреди од провладини медиуми.

Аномалии на политичкиот систем

Неподготвеноста да се слушнат и други аргумени, исклучивоста во разговорите и отпорот кон добронамерни сугестии, не е случајна во македонското општество. Според Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми, тоа е резултат на евидентни аномалии: доцната демократизација на институциите, поделбите меѓу два политичко-етнички табори, силната улога на партиите, големото вмешување на партиите и на државата во сите домени на општествениот живот, како и исклучително високото ниво на клиентелизам и попреченоста на евроинтеграциските процеси, се карактеристики кои зборуваат за сериозни аномалии на политичкиот систем.

„Во вакви услови на бесперспективност на општеството, наивно е да се очекува медиумскиот систем да биде функционален, а медиумите да ја вршат својата улога на чувари на јавниот интерес. Нашите анализи за развојот на медиумските политики во Македонија, покажуваат и дека постои една парадоксална состојба, според која, медиумските слободи беа многу поголеми пред усогласувањето на медиумското законодавството со основните европски стандарди. Колку законодавството се усогласуваше со тие стандарди, толку медиумите стануваа позависни од разни политички и економски интереси, а новинарството стана целосно деградирано и непрофесионално. Новинарството е професија, во која, освен придржувањето кон професионалните стандарди, неопходно е да демонстрирате етика, морал и висок интегритет, за да може публиката да верува во тоа што го пишувате или говорите. А тоа не се уредува со ниту еден закон“, укажува Петковска.

Symbolbild Journalismus Interview Report Reporter Mikrofon Krawatte Presse
Фотографија: Fotolia/picsfive

Таа не е оптимист дека тековните преговори меѓу партиите ќе донесат нешто добро за подобрување на медиумската сфера.

„Потребни се структурни, долгорочни решенија и подготвеност на институциите да ги спроведуваат законите со добра волја и без партиско -политички притисоци. Внатрешни промени во редакциите нема да се случат, освен ако не се трансформира целокупниот политички контекст“, констатира Петковска.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема