1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Новинарската етика не се регулира со закон

Запирањето на падот на новинарските стандарди е можно со силни етички стандарди и саморегулација, која ќе се спроведува без компромиси и ќе важи за сите, вели Жанета Трајкоска, директор на Високата школа за новинарство.

Што е етика во новинарството: гола парола, нешто незадолжително или недостижен идеал?

Кога ова би било квиз-прашање, во Македонија сите три одговори истовремено би можеле да се сметаат за точни. Тоа го потврди сѐ уште нерасветлениот случај „Талевска“. Да беше поинаку, не ќе беше проследен со громогласен молк, кој дополнително ја легитимира целата новинарска заедница како професионално фрагилна, поларизирана и исполитизирана, а новинарството дисперзирано во привремен параван за други бизниси.

Громогласен молк

Освен министерот за здравство, кој два дена објаснува пред јавноста дека не знаел за новинарска инволвираност во пинг-понг партијата со сопственоста врз фирмата „Висарис ДООЕЛ“, добитник на тендер вреден над еден милион евра, сите други се недостапни за јавноста. Македонската асоцијација на новинари (МАН) по првичната реакција со која застана во одбрана на својата членка Талевска, целосно се затвори за јавноста. Недостапна е и сопственичко-уредничката структура на телевизија „Сител“, недостапни се надлежните за односи со јавноста во владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Достапни се единствено податоците што ги соопштува опозицискиот СДСМ. Но, надвор од нивната политичка битка и извештаите од нивните прес-конференции, и во новинарскиот атар владе молк. Или поточно - нема суштинска дебата. Единствено „Дневник“ објави авторски коментар под наслов „Чисти новинарски сметки“, во кој порача дека „на македонското новинарство му е потребно брзо и темелно прочистување за да може од професијата да се тргнат различните оправдани и неоправдани сомнежи и етикети“.

„За да се тргнат опашките што сериозно го нарушија угледот на оваа професија, која во значајна мера ги креира јавното мислење и перцепцијата за важните случувања во општеството, потребно е да се знае кој е кој во неа. А за таквото расчистување, потребно е лустрирање и тоа не само во политичка смисла, преку обелоденување на оние што својата кариера во медиумите ја изградиле врз основа на својот труд како доушници, туку и економска лустрација и откривањето на конфликтите на интереси од овој вид. Не случајно, во светот не се дозволува, на пример, новинарите што известуваат за Њујоршката берза и самите да тргуваат на неа. Ваквата постапка се смета за неетична и редакциите не ја дозволуваат, како што не толерираат истовремено новинар да пишува за компании и потоа своите инсајдерски информации или блиски контакти да ги користи за да има свој бизнис со нив и да извлекува бенефити на сметка на професионалните новинарски стандарди“, коментира Соња Казиовска.

Контаминиран простор

Ако постојат сомневања дека новинарската етика е заложена како хипотекарен кредит за други бизниси или интереси, тогаш, природно е што на економската лустрација се гледа како на единствена можност јавноста да дознае дали одреден новинар разговара со министер од позиција на новинар или од позиција на основач и сопственик на фирма која добива тендери во ресорот на својот соговорник или на негов колега. Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, смета дека ако некој прв треба да се лустрира, тоа е иницијаторот на лустрацијата - власта.

Naser Selmani

Насер Селмани

„Кога ќе го напрват тоа, тогаш ќе знаеме дека се сериозни во нивните намери. Второ, добро е што се бараат начини како да се прочисти новинарската фела, но не може да биде одговорен само оној што добил тендер, туку и тој што го дал тендерот. Ако некој сака да го расчисти овој скандал не треба да се занимава со новинарите, туку да бара оставка од министерот за здравство и одговорност од сопственикот на медиумот кој дозволил таков конфликт на интереси кај уредник. Кога власта и бизнисот нема да поттикнуваат коруција во медиумите, нема да има корумпирани уредници. Прво треба да се бориме против оние што ја потикнуваат корупцијата, а потоа и против оние уредници кои се подготвени да се корумпираат. Сега се гледа која е вистинската причина зошто некои уредници имаат вазалска уредувачка политика. Тие не верувале во политиките на власта, туку во нејзините пари“, дециден е Селмани.

Тој не верува дека може да се превенираат ваквите појави, туку очекува да се откриваат нови скандали, кои ќе сведочат за корупциската спрега меѓу политиката, бизнисот и уредниците. „Досега знаевме дека владата преку кампањи троши огромни јавни средства на нетранспаретнен начин, без никаков јавен интерес и без никакви критериуми како ги дистрибуира, за да обезбеди медиумска поддршка и да ги користи медиумите како пропагадно средство за манипулација со граѓаните. По донесување на медиумските закони власта отвори уште еден корупциски канал за поткупување на националните телевизии, со тоа што ќе учествува со педесет отсто во производството на домашната документарна и играна програма. Кога најмоќните фактори, власта и сопствениците на медиумите го толерираат и го поддржуваат тоа корупциско однесување, што можат обичните новинари да напрват? Имаат еден избор - да го напуштат новинарството. Ништо повеќе. Ако системот е корумпиран нема новинари што ќе спречат таква корупција во медиумите. Доволно е власта да поткупи десет уредници и целиот медиумски простор ќе биде контаминиран“, вели претседателот на ЗНМ.

Без имунолошки систем

Но, ваквиот став на Селмани целосно го доведува во прашање имунолошкиот систем на новинарите. И за корупциско танго се потребни двајца. Кога секој новинар поттикнат на корупција би бил и корумпиран, тогаш не е проблемот во оној што корумпира - туку во самосвеста на новинарите да се спротивстават на тие обиди. Слабоста на нивниот одбранбен механизам, го отвора прашањето каква е нивната лична и професионална етика, единственото „нешто“ или „сето она“ што не може да се добие на тендер, ниту да регулира со закон. Жанета Трајкоска, директор на Високата школа за новнарство и односи со јавноста, укажува токму на огромната важност на етиката.

Studentenradio in Bitola Mazedonien

„Етиката е сржта на новинарството и доколку ја нема, нема да има ни непристрасно, балансирано и професионално обработени приказни. Ова не може да се регулира ни со закон, ниту со правила или прописи. За жал, македонското новинарство е во слободен пад со години наназад и се чини дека дел од луѓето кои ја вршат оваа јавна и многу одговорна професија се на привремена работа во медиумите и едвај чекаат да заминат, се разбира откако ќе ги искористат бенефитите од тоа што биле новинари. Начинот на запирање на падот на новинарските стандарди е можен само со силни етички стандарди и саморегулација која ќе почнува од редакциите, ќе се спроведува без компромиси и која ќе важи за сите. Но, од друга страна, треба да се има предвид оваа битка за новинарството да не се претвори во бркање на вештерки, туку да се задржи на етичките норми и на зачувување на професионалните стандарди“, предупредува Трајкоска.

За жал, практиката потврдува и дека на дел од новинарите, ламентирањето по изгубената слобода на изразување им е само покритие за ниските професионални стандарди во работата. Колку е поголем притисокот од центри на моќ, толку тоa станува нивен raison d'etre. Колку се позатворени изворите на информации, толку е поголемо алибито за непрофесионалниот новинарски производ. Така, и „налогодавците“ и „извршителите“, си создаваат двојно алиби: едните велат дека нема професионализам, а другите - дека нема услови за тоа. Во таков маѓепсан круг две децении се врти истата приказна и се чини дека на сите им одговара да бидат во неа. Во спротивно, сите ќе се обидеа нешто да сменат. Според медиумски експерти, во Македонија се случува апсурна ситуација – новинарите бараат слобода, но и кога ја имаат не знаат што да прават со неа, бидејќи со соочуваат со сопствените ниски професионални стандарди. А тоа не може никој друг да го промени, освен тие самите.

Дилемите со кои денес се занимава македонското општество, светот ги решавал уште пред два века. Авторoт на американската декларациja за независност, Томас Џеферсон, тоа го објаснил вака: „Бидејќи основа на нашиот модел на управување е мислењето на народот, наша прва цел треба да биде тој да биде информиран. И ако јас треба да решавам дали треба да имаме влада без весници или весници без влада, ниту за миг нема да се двоумам да го изберам второто“.

Иако денес некои со задоволство би се определиле за првото, најважно е за што ќе се определат новинарите: за новинарска етика или за новинарска етикета.