1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Новинарот Кежаровски во домашен притвор

Новинарот Томислав Кежаровски е пуштен во домашен притвор, информираат преку соопштение од Основниот суд Скопје 1. Кежаровски ќе остане во куќен притвор до правосилноста на затворската казна.

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје, постапувајќи по предлогот за укинување на мерката притвор определена против обвинетиот Томислав Кежаровски од Скопје, поднесен преку неговиот бранител, ја укина мерката притвор против обвинетиот Томислав Кежаровски“, стои во соопштението од Основниот суд Скопје 1.

Во соопштението се информира дека мерка куќен притвор ќе биде во траење од 30 дена, сметано од денеска, 07.11.2013 година, па сѐ до правосилноста на пресудата, „односно до започнување со издржување на изречената казна затвор“. Судот нагласува дека доколку биде поднесена жалба против денешното решение, таа нема да го спречи неговото извршување.

Новинарот на дневниот весник „Нова Македонија“ Кежаровски беше осуден на четири и пол години затвор за наводно откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот Ореше. Кежаровски, кога беше изречена пресудата и кога Судот одлучи да остане во пртиворот во затворот во Шуто Оризари, низ солзи побара од судот притворот да му биде заменет со куќен притвор. Тој, но и неговата сопруга се жалеа дека условите во затворот во Шутка се неподносиливи.

Здружението на новинарите на Македонија во меѓувреме достави писмо до премиерот Никола Груевски со барање прашањето за аболиција на новинарот Кежаровски да се стави на дневен ред на седница на Владата. Новинарите во Македонија повеќепати организираа протести против одлуката да се осуди новинар на затворска казна.

За случајот на новинарот Кежаровски реагираа повеќе меѓународни организации и здруженија на новинари, а за него се заинтересира и известувачот на Македонија во Европскиот парламент Ричард Хауит.