1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Новинарите не се „обични“ корисници на социјалните мрежи

Новите медиуми го променија традиционалниот начин на креирање и објавување на новинарските приказни. Дали поинакви можности на комуникација, размена и ширење на информациите значат попрофесионално новинарство?

Истражувањето спроведено на Универзитетот Џорџ Вашингтон покажува дека мнозинството од новинарите ги користат социјалните мрежи како извори за информации за нивните приказни. 89% од испитаните одговориле дека како алатки за истражување ги користат блоговите, 65% социјалните мрежи како Фејсбук и Линкдин и 52% сајтови за микроблогови, каков што е Твитер. Сепак главен недостаток е проверка и верификација на фактите, се вели во истражувањето.

Во дигиталната ера пред новинарите се наметнуваат повеќе прашања и дилеми поврзани со употребата на новите медиуми. На пример, во колкава мера новинарите и уредниците ги потврдуваат добиените информации? Дали известувањето добива во квалитет и колку традиционалните етички правила се користат и на интернет, особено кога се пренесуваат информациите...

„Неизбежно е новинарите да ги користат социјалните мрежи. Денеска сите се таму, денеска многу информации на тие мрежи се потенцијални новинарски приказни. Нагласувам, потенцијални, зошто информациите на социјалните мрежи не се вести. Тие се само информации кои се, или не се, вредни да станат вести“, вели долгогодишниот новинар Зоран Бојаровски кој предава и етика во новинарството во Високата школа за новинарство и односи со јавност.

Зоран Ричлиев е продуцент за дигитални медиуми во Медиа Принт Македонија. Тој за Дојче веле коментира дека на социјалните мрежи честопати има погрешни информации, а медиумите во трка за актуелност знаат да објават и т.н. „патка“ од Фејсбук:

„Мислам дека станува збор за среќавање со нови навики и потребно е време новинарите да се адаптираат. Секоја информација треба да се провери, особено таа зад која не стои идентитет со интегритет. За жал новинарските стандарди се под силен притисок на брзото и атрактивно известување и секојдневно сме сведоци на т.н. „кромиди“ (од Onion, американски сајт со сатирични и лажни содржини), односно објавување едноставно копирани и непроверени информации од страна на мејнстрим медиуми“, вели Ричлиев.

Добри и лоши искуства од македонскиот медиумски простор

Како новинарите и медиумите во Македонија се соочуваат со предизвиците од новите медиумски трендови? Новинарот на ТВ Алфа Зоран Бојаровски смета дека постојат добри и лоши искуства и практики во користењето на социјалните мрежи во новинарската работа, но сепак, се чини, преовладуваат лошите практики.

„Не се внимава. Ќе наведам само два примера – еден лош и еден добар, кој по своето влијание се сериозен преседан кога станува збор за новинарството и социјалните мрежи како извори на информации: Добриот пример е случајот „Мартин Нешкоски“ кога новинарите отпочнаа да ја отплеткуваат приказната за суровото убиство откако информација за тоа прво беше објавена на социјалните мрежи. Вториот, односно лошиот пример, е случајот „Александар Самарџиев“, кој го покажа сиот потенцијал за манипулација кој може да се спроведе преку социјалните мрежи, истакнува Бојаровски.

Symbolbild Twitter Facebook

Експертите укажуваат дека новинарите треба да внимаваат како се однесуваат на социјалните мрежи

Ричлиев надополнува дека со самото сфаќање на интернетот како нетрадиционална платформа, неретко се доаѓа до пласирање содржини без почитување на основните професионални стандарди.

„Можеби интернетот трпи сè, но во исто време интернетот памети сè. Грешката во весник е невозможно да се поправи, но таа трае само еден ден додека весникот е актуелен, а грешката на интернет е достапна секаде во секое време и ќе остане така долго, ако не и засекогаш“, вели Ричлиев.

Невниманието може да нанесе сериозна штета

Некои медиумски куќи, како Ројтерс, имаат пишани правила кои се однесуваат на интеракциите на новинарите на социјалните мрежи. Новинарот треба целосно да биде свесен за ризиците, особено оние кои можат да ја загрозат неговата репутација, на медиумот, независноста и слободата во пристапот. Новинарот треба да користи пристоен јазик, бидејќи не е кој било корисник на Твитер, се вели во прирачникот.

Зоран Бојаровски вели дека тие прирачници се Библија за тие куќи и за новинарите што работат за нив. Со една разлика што таа Библија не е еднаш засекогаш напишана.

„Таа секогаш се надополнува тогаш кога новинарската активност доживува трансформации, (како технолошкиот прогрес, интернет со сета негова компкесност и сеопфатност...) кои можат да имаат сериозно влијание врз основните и вечни принципи на журналистиката како што се објективноста, вистината, точноста и неутралноста. Во Алфа ТВ, за жал, немаме пишани правила, но многу често разговараме на овие теми и претпоставувам дека тоа, барем досега, ни помага да се сочуваме од искушенијата да се подведеме на заводливата леснотија на информациите кои имаат манипулативна природа“, вели Бојаровски.

Зоран Ричлиев заклучува дека многу издавачи имаат кодекс за однесување на новинарите на социјалните мрежи, но дека кај нас тоа сè уште го нема.

„Сведоци сме дека многу колеги, од други медиуми или независни продукции, честопати ја преминале границата на пристојност или пак политичка независност на Фејсбук. Пристојноста е пред сè човечка особина, а новинарството е јавна и етичка професија и непреистојните немаат место во неа“, заклучува Ричлиев.