1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Новинарите на браникот на честа

Здружението на новинарите во Македонија избира ново раководство, кое треба да се избори за враќање на професионалниот интегритет, новинарите да не бидат заробеници на власта, политиката и газдите.

default

Да се врати честа на новинарската професија

Политички притисок врз македонските журналисти, спреги на сопствениците со власта, пад на довербата во медиумите и новинарите. Тоа се внатрешните детекции за слабостите во демократскиот развој и слободата на јавната реч. Состојбите се комплицираа откако актуелната влада тргна во агресивна самопромоција и пропаганда на своите идеи и програми, трошејќи годишно 15-20 милиони евра што се влеваа, главно во телевизиите и дел од весниците.

„Кој и што ги тера сите сопственици да трчаат кон владините пари за пропаганда, дали профитот или политичките амбиции на медиумски газди?“, прашува новинарот Синан Хасани од ТВ Алсат во една неодамнешна дебата.

„Кои се другите виновници за сегашната состојба во новинарството? Ние самите, зашто дозволивме да го трампаме личниот интегритет за ситни амбиции и бенифиции, рече во дебатата Горан Момировски од ТВ Канал 5.

Symbolbild Mikrofon

И надворешните перцепции резултираа со критики-ЕУ и Брисел излегоа со став дека е загрозена слободата на говор, а „Репортери без граници“ го спушти македонското новинарство и слободата на изразување за триесетина места надолу.

„И во другите земји има политички притисоци врз новинарите, но таму реакцијата е посилна и формално-правна и со содавање на отпор кон сите кои сакаат да манипулираат и да го поседуваат правото на вистина“, вели Назим Рашиди, дописник на БиБиСи од Скопје. Тој беше прв номиниран за претседател на Здружението на новинарите на Македонија, со поддршка на своите колеги од сите македонски медиуми, без етнички предрасуди.

Слична кандидатура најави и Насер Селмани, кој пишува на македонски во весникот „Вест“.

„Фер ќе биде да прифатиме дека и ние новинарите носиме одговорност за сегашната деградација на професијата, а не постојано да се исцрпуваме во критиките кон газдите, политичарите, цивилниот сектор, секој секому нешто приговара“, кажа за Дојче веле Селмани.

Naser Selmani

Насер Селмани

Барање начини за поефикасна заштита на професијата

Во изминативе месеци новинарската асоцијација, која формално брои околу 1400 членови, но заедно со сниматели, фоторепортери, продуценти, ги бараше моделите за нов концепт на еснафско организирање, поголема и поагресивна заштита на професионалците. Дебатата за реформирање и реафирмирање на ЗНМ поттикна и неколку лоби-групи да промовираат свои концепти за идното функционирање на асоцијцијата на професионални новинари, за враќање на достоинството и интегритетот на професијата. Од една од нив, која летоска се појави како „Новинарско востание“, кандидат за претседател е токму Селмани.

Nazim Rasidi

Назим Рашиди

Неговата, но и номинацијата на Рашиди за можен новинарски лидер, што преставува сериозен знак за демократската зрелост на една професија која создава јавно мислење за мултиетничко општество, сепак не остана без изблик на потајни, кулоарски и конечно, на Фејсбук, на јавни обиди за професионален и етнички линч, со антиалбански став околу претседателската трка за ЗНМ. Текстот беше напишан од познат ТВ-автор, но ја отвори кутијата за ниски страсти и остри спротивставувања кон национализмот, како што се нарече самиот автор на антиалбанската кампања.

„Доста се делби на леви и десни, црни и бели, не‘ делат, но и самите се поделивме. Ни треба единство, заштита од политичко-партиските притисоци, но и можеби нови етички норми за членовите на новинарското здружение“, кажа Мира Костиќ од Македонското радио. Таа е еден од најискусните негови новинари, позната во јавноста и со својот досегашен ангажман во ЗНМ, но сега со претензии да биде и негов претседател.

Трка со повеќе кандидати

За првпат во шестдецениската историја на новинарското здружение ќе се избира лидер на непосредни избори и од најмалку петмина кои јавно ги промовираа своите програмски платформи. Во некои од нив се иницирани предлози за повластици, во други за конечно определување на најниската плата на новинарскиот труд, трети бараат јасно разграничување на надлежностите во триаголникот сопственик-уреднички менаџмент и новинари, четврти се застапуваат за декриминализација на клеветата, но и поголема одговорност кон напишаниот и изговорен збор.

Mira Kostic

Мира Костиќ

Деневиве е формиран и нов медиумски синдикат, чија основна задача ќе биде социјалната заштита и обезбедувањето колективни и индивидуални договори при новинарскиот ангажман.

„Ние не го штитиме доволно својот медиумски суверинитет, како столб и на новинарскиот инегритет и професионалност“, кажа Аљоша Силјановски, познат ТВ- автор од МРТВ. Најверојатно со своја кандидатура ќе настапи и Жарко Јордановски, афирмиран коментатор во весниците „Дневник“, па „Време“ и сега во „Шпиц“.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска