1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Новинарите бараат повлекување на законот за медиуми

Новинарските еснафски здруженија денеска од македонскиот вицепремиер Бесими побараа повлекување на нацрт-законот за медиуми и негова анализа во Советот на Европа.

Претставниците на Здружението на новинари и на новинарскиот синдикат денеска побараа од вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими целосно повлекување на нацрт-законот за медиуми предложен од Владата и негово испраќање на анализа во Советот на Европа. Новинарите денеска имаа неформална средба со Бесими по повод Светскиот ден за слобода на медиумите.

Бесими ги повика претставниците на Здружението на новинарите на Македонија и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски рабитници (ССНМ) забелешките и коментарите со кои може  да се подобри нацртот да ги достават до крајот на месецов до кога Министерството за информатичко општество и администрација го продолжи рокот за дебата за законот што се подготвува.

Клучна забелешка е што Владата донесува закон за кои тие не се прашани и што во него ги вградила само оние одредби од европската легислатива што се однесуваат на ограничување на слободата на изразувањето.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани побара да се постапи по препораките на Европската комисија, а најдобро решение, рече тој, е законот да се повлече.

Naser Selmani

Насер Селмани

„Ако Владата сериозно не ги преиспита решенијата во законот, следната година Македонија во релевантните меѓународни невладини организации ќе биде рангирана во група на земји без слобода на изразување. Владата треба да покаже јасна волја дека сака да ја штити и гарантира слободата на изразувањето, а не да ја ограничува. Најдобро решение би било законот да се повлече и да почнеме од почеток кои се причините зошто треба да се донесе ваков закон.

Владата нуди различно решение

„Тие одговори ги има во извештаите на Европската комисија која забележува дека медиумите работат под силен политички и економски притисок, дека владините реклами влијаат на поткупување или купување на уредувачката политика, дека МРТ не ја исполнува мисијата што и е дадена со закон и дека Советот за радиодифузија нема одржливо финансирање и е под влијание на политиката. Во декември 2011 се договоривме со Владата дека има потереба за менување на законот само во правец на вградување на европската директива и препораките на Советот на Европа. Владата без да не консултира нас, нуди закон кој е сосема различен од она за што првично се договаравме и нема објаснување зошто ни треба таков голем, обемен закон“, додаде Селмани.

Вицепремиерот Бесими рече дека за нацртот се консултирани експерти од Европската комисија и повика на дијалог и доверба меѓу двете страни.

„Законот е во фаза на јавна расправа и треба да се искористи можноста сите коментари што може да придонесат за негово подобрување да се дадат во МИОА. Постојниот нацрт е подготвен со вклученост на експерти од Европската комисија, а и коментарите и следниот нацрт ќе бидат во консултација со експерти од ЕУ, со цел да сме посигурни тоа што се прави во законот да е во согласност со европските стандарди и директиви“, рече Бесими.

Слободното изразување- основно човеково право

Der mazedonische Verteidigungsminister Fatmir Besimi

Фатмир Бесими

Како основно човеково право слободата на изразување обезбедува услови за заштита и промоција на сите останати човекови права. Но, неговата примена не се случува по автоматизам, туку бара безбедна средина за дијалог каде сите ќе може да зборуваат слободно и отворено без страв од репресија. Oва се вели во заедничката порака на генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун и генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова по повод 20-годишнината од одбележувањето на Светскиот ден за слобода на медиумите.

Годинашното мото под кое се одбележува овој ден е „Безбедно е да зборуваш: да се обезбеди слободата на изразување во сите медиуми“, а акцентот особено е ставен на прашањето за безбедноста на новинарите,  борба против неказнивоста на  дела против слободата на изразување и обезбедување слободен и неограничен пристап на интернет.

Според најновиот извештај на Фридом хаус објавен завчера, генерално во светот лани е забележан пад на медиумската слобода, а процентот на светската популација, која живее во земји со целосно слободни медиуми паднал на најниско ниво во последните 16 години.