1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Новески: Сакам да победувам

На традиционалната свеченост организирана од Фудбалската федерација на Македонија, капитенот на Мајнц, Николче Новески, беше прогласен за фудбалер на годината во Македонија.

Со долготрајни аплаузи, како ретко кој досега ги добил, беше поздравено врачувањето на признанието. Достоинствен, каков што е во секоја прилика, Николче Новески вели:

„Ова е особен, за мене многу убав момент во кариерата. Момент кој го споделувам со сите кои беа во моето опкружување и ми помогнаа да ја доживеам оваа почест.“

Посветеност на репрезентацијата

Новески скоро една деценија го носи дресот на македонската репрезентација. Зад себе има 64 настапи, 5 постигнати гола и посветеност на репрезентацијата која импонира. И во својата 34-та година го носи националниот дрес со максимална одговорност:

„Таков сум по природа. Во секој мој настап сакам да одиграм најдобро, едноставно сакам да победувам. Тоа е дел од мојот менталитет, а е особено изразен кога репрезентацијата е во прашање.“

Неговиот победнички менталитет не можеше да дојде до поголем израз во неодамна завршените квалификации за Светското првенство, беше стрелец за Македонија во нерешените 1:1 против Шкотска во Глазгов, но моментите на резултатскиот неуспех беа многу почести, одошто победничките. Новески жали поради ова:

„Жал ми е што не успеавме да направиме подобри резултати. Реков дека сакам да победувам, па неуспесите тешко ми паѓаат и реагирам многу емотивно.“ #

Исполнетост и во дресот на Мајнц

Носејќи го дресот на германскиот Мајнц, Новески испишува една многу поинаква своја спортска приказна:

„Мојот фудбалски пат во Германија беше многу тежок. Сепак среќен сум што успеав во силното германско првенство да се задржам толку долго време. Знаете колку е жестока конкуренцијата во Бундеслигата, па присуството во континуитет во неа, уште повеќе ме исполнува.“

Mazedonien Fußballnationalmannschaft

Македонската фудбалска репрезентација

Македонец - капитен на Мајнц! Делуваше по малку нестварно веста дека Николче Новески, странец од малата Македонија, станува тим-лидерот. Веќе неколку години тој гордо ја носи капитенската лента:

„Многу ми значи што сум капитен во подолг период. Тоа ја зголеми одговорноста кај мене. Свесен сум дека ја претставувам и средината од која што доаѓам.“

Новески зад себе има богат фудбалски опус, кариера која постојано има нагорна линија. Има ли простор кај еден 34 годишен спортист за остварување на нови желби?

„Сонот не престанува. Секое мое истрчување на теренот е со победничка желба. Тоа ме мотивира, ме движи напред.“

Дали македонскиот репрезентативен дрес и натаму ќе биде дел од таа мотивација на Новески? Останува ли во репрезентативниот состав?

„По завршувањето на квалификациите за Светското првенство немавме контакти со раководството на ФФМ на оваа тема. Состојбата околу репрезентацијата е доста разбранувана и во моментов не би сакал да зборувам на оваа тема“, вели во интервјуто за Дојче веле, најдобриот фудбалер на Македонија во 2013. година, Николче Новески.