1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Новески го урна Франкфурт

Со гол во 52. минута, капитенот на Мајнц ги урна надежите на фудбалерите на Ајнтрахт дека можат да направат пресврт на мечот. Кикс на Борусија Дортмунд пред решавачкото дерби против Бајерн.

Николче Новески одигра одличен натпревар, а неговиот Мајнц славеше со 3:1 на локалното дерби против Ајнтрахт во Франкфурт во 14. вонредно коло од Бундеслигата. Мајнц водеше со 2:0 уште на полувремето со головите на Иваншиц и Паркер. Иницијативата на Франкфурт на почетокот на вториот дел и надежите на домашните фудбалери дека можат да дојдат до поволен резултат во дербито ги урна токму Новески со одличен погодок со глава по корнер. За Новески ова е втор гол сезонава, а за Мајнц шеста победа, по која се искачија на седмата позиција на табелата.

Фудбалерите на Борусија Дортмунд пропуштија голема шанса со победа во дуелот против Фортуна да се приближат на само шест бода до лидерот на табелата - Бајерн Минхен, и да го зголемат притисокот врз „баварците“ во пресрет на големото дерби во Минхен закажано за в сабота (01.12). Борусија поведе со 1:0 преку Блажиковски против гостите од Диселдорф, но не успеа да ја задржи предноста до крај. Конечните 1:1 ги постави Рајзингер во вториот дел.

Ни Шалке не се прослави

И вториот голем конкурент на Бајерн, Шалке не се прослави на гостувањето во Хамбург. По големиот број мечеви во домашното првенство и во Лигата на Шампионите, тренерот на Шалке Хуп Стевенс одлучи да го ротира тимот и тоа му се одмазди. Шалке загуби од Хамбургер со 3:1 и сега заостанува 10 бода зад лидерот Бајерн.

Во последниот меч во вторникот, Хановер лесно го совлада Гројтер Фирт со 2:0. По трите меча без победа, фудбалерите на Хановер успеаја да дојдат до трите бода и да се вратат на шестата позиција на табелата. Гројтер Фирт останува на претпоследното место со мизерен учинок од 8 бода во 14 натпревари.

Вечерва (28.11) се играат преостанатите натпревари од ова коло. Бајерн му гостува на Фрајбург и со победа ќе ја зголеми предноста на врвот на табелата на 11 бода и ќе може релаксирано да се подготвува за дербито со Борусија. Интересни мечеви се играат во Менхенгладбах, каде Борусија го пречекува Волфсбург и во Бремен, каде Вердер му е домаќин на Бајер Леверкузен. Во преостанатите дуели, Штутгарт го пречекува „фенерџијата“ Аугсбург, додека Нирнберг му е домаќин на Хофенхајм.