1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нова фаза на односите Скопје - Белград

Српскиот амбасадор во Скопје, Зоран Поповиќ, врачи официјална протестна нота до Министерството за надворешни работи заради одлуката на Македонија за признавање на Косово.

default

Одлуката за признавање на Косово го налути Белград

Македонско - српските односи влегуваат во нова фаза на влошување, втор пат во изминативе 17 години, откако од Грција и Србија беа воспоставени блокади кон властите во Скопје. Амбасадорот Поповиќ денеска во Македонското министерство за надворешни работи достави протестна нота, со која бара Македонија да ја преиспита одлуката за признавање на Косово.

Владата на Груевски синоќа донесе решение за воспоставување дипломатски односи со соседот, донеодамна српска покраина.

Parlament Gebäude in Skopje Innenansicht, Mazedonien

Парламентот изгласа резолуција за признавање на Косово

Вкалкулирана реакција?

Со Косово Македонија има околу 220 километри граница, на која интензивно се врши демаркација и обележување. Со северниот сосед постои економска размена од околу 250 милиони евра годишно. Затегнувањето на политичко дипломатските односи изгледа беше вкалкулирано од македонската дипломатија. Неодамна во Њујорк српскиот претседател Борист Тадиќ му стави на знаење на македонскиот претседател Бранко Црвенковски дека Белград ќе преземе одмазднички мерки.

Македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски изјави дека одлуката на владата е донесена самостојно, а пред се‘ поттикната од Резолуцијата на Македонското собрание. Милошоски синоќа изјави дека евентуалната српска одлука за непожелност на македонскиот амбасадор, не би била позитивно оценета, нагласувајќи дека напротив, српскиот амбасадор е добредојден во Скопје. Тој демантираше дека одлуката за признавање на Косово е американски пакет во врска со решавањето на македонско – грчкиот спор за името.

Различни реакции

Екс претседателот на Македонија, Киро Глиговор денеска имаше кус коментар за признавањето на Косово: за Косово ова е прав момент, прашање е дали е тоа и за нас.

Познатиот социолог и универзитетски професор од Белград Владимир Гоати, кој денеска присуствуваше на панел дискусија во Македонија, изјави дека српскиот негативен однос и реакција кон властите во Скопје и Подгорица се очекувани. Но, тој не предвидува поголеми економски и други блокади во релациите меѓу Македонија и Србија, кои традиционално имаат пријателски и партнерски односи. Гоати вели дека признавањето на Косово практично го поматува триумфализмот што владее кај белградските власти откако ОН решија за независноста на Косово да се изјасни Меѓународниот суд за правдата.

DW.COM