1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нова условена препорака од ЕУ, со старите услови

Останува условената препорака за Македонија за почеток на преговори за членство во ЕУ. Европската Комисија. Веродостојни избори на 11 декември се клучен предуслов.

Македонија доби уште една условена препорака од Европската Комисија во годишниот Извештај за напредокот на земјата, кој беше објавен денеска. Препораката, како и минатата година, зависи од успешната имплементација на Договорот од Пржино.Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан образложувајќи го извештајот, рече дека изборите се клучни за излез од политичката криза. „Сега постои вистинска шанса за да се реши кризата и останатите прашања, а земјата мора да спроведе кредибилни избори и да им се посвети на реформските приоритети. Комисијата ќе ја задржи препораката за почеток на преговорите, но во зависност од целосната имплементација на Договорот од Пржино", рече Хан во Европскиот парламент.

Избори, парламент, демократско владеење

Во заглавјето за политичките критериуми на Извештајот се наведени четири клучни пунктови за демократијата во земјата. Изборите, за кои според ЕК, мора да се обезбедат услови за веродостоен изборен процес преку спречување и истражување на заплашувањето на гласачите, обезбедување на поделба меѓу државните и партиските активности, балансирано медиумско известување и постојано обновување на гласачките листи. Се бараат и дополнителни напори за зголемување на капацитетите на Државната изборна комисија. 

Republik Moldau Johannes Hahn in Chisinau

Хан вели дека изборите се клучни за излез од политичката криза

Во однос на Собранието, ЕК заклучува дека тековната криза уште еднаш ја потврдила слабата легислативна и надгледувачка функција на парламентот и бара напори за подобрување на неговото функционирање. „Фокусот треба да биде ставен на активно учество на сите парламентарни партии, добри консултации, надзор над работата на владата и на разузнавачките служби, воспоставување политичка одговорност за илегалното прислушкување и капацитет за набљудување на заштитата на човековите права и основните слободи во земјата“. Најголемиот дел од забелешките во Извештајот содржат повторени или заострени оценки од минатогодишниот. 

Без сопки за СЈО

Европската Комисија понатаму лоцира сериозни предизвици во делот на демократското владеење и изразува загриженост за „заробеноста на институции и клучни делови од општеството од страна на државата“. „Независните регулаторни, надзорни и советнички тела не беа во можност да ги извршуваат своите функции проактивно, ефективно и без политички притисок, што доведе до ограничен надзор над извршната власт“.

Брисел не евидентирал никаков напредок во однос на минатогодишните препораки за граѓанското општество, напротив, констатирано е влошување на опкржувањето во кое работат НВО.

Сериозни забелешки повторно се изразуваат во однос на политизарноста на јавната администрација и се бараат итни реформи во оваа област.

Судскиот систем, оценува Европската Комисија, продолжува да назадува и тоа претставува „голема грижа“. Се бара целосна поддршка и ресурси за Специјалното обвинителство, деполитизација на именувањето и промоцијата во судството и во пракса, а не само на хартија, и реформа на целиот судски систем преку усвојување на препораките на Венецијанската комисија и реформска стратегија. Брисел констатира и дека во пракса продолжува да се блокира работата на СЈО, а во тој контекст се наведуват кривичните судови и Советот на јавни обвинители како места од каде се блокираат истрагите.

DW.COM