1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нова слика за валканата војна

На сајтот на Викиликс деновиве се појавија нови изворни документи како сведоштва за ирачката војна. Критиката од Вашингтон и од Багдад на објавувањето на тајните документи е лицемерна.

default

Објавените тајни документи всушност не откриваат ништо ново. Уште со објавувањето на фотографиите од затворот Абу Гариб, на светот му стана јасно дека војната во Ирак е валкана. Таму се вршат убиства, мачења, војниците се однесуваат како брутални агресори, шиитите и сунитите меѓусебно се масакрираат. Заради тоа, речиси се заборави дека таму беше соборен еден од најсвирепите диктатори. Благодарение на информациите на Викиликс дознавме на каков начин се вршело бруталното кршење на човековите права. Бројот убиени исто така стана попрецизен. Во Ирак, меѓу 2004 и 2009 година, биле убиени повеќе од 150 илјади луѓе, ако им се верува на документите од извори на американската војска.

На тие документи, сепак, смее да им се верува, зашто потекнуваат од повеќе извори користени само за интерни цели.

Сепак, критички прашања се дозволени. Дали Викиликс при обработката на документите навистина направил се‘ за да не доведе во опасност човечки животи? На тоа само можеме да се надеваме и да чекаме. Всушност, кој го контролира Викиликс? Организацијата чија политичка моќ видно расте, мора да одговори на ова прашање, како и масовните медиуми, како Фејсбук или Јутјуб. Сите тие носат голема одговорност, а никогаш не добиле никакви избори. Исто така е интересно кој ги поставува таквите прашања и какви му се мотивите.

Критиките на сметка на Викиликс кои доаѓаат од владите во Вашингтон и Багдад, се лицемерни. Двете се загрижени за својот углед. Притоа, американскиот претседател Барак Обама само наизглед е во многу поповолна позиција. Зашто, ниту тој не може туку така сите грешки да му ги префрли на својот претходник Џорџ Буш. Многумина, не само во арапските земји, сметаат дека на столбот на срамот е цела Америка. Објавувањето на документите би можело да значи крај на политичката кариера на ирачкиот премиер Нури ал Малики. Се‘ додека не се испостави дека документите биле фалсификувани или содржат погрешни докази, за што никој не зборува, тогаш вината е токму врз Нури ал Малики и Џорџ Буш, а не на Викиликс. Исто како што важеше и за војната во Виетнам, така и за војната во Ирак важи дека валканите детали мораат детално да се испитаат и вистината, па каква и да е, мора да излезе на виделина. Најмногу од сите тоа го заслужуваат граѓаните на Ирак.

Автор: Рајнер Золих

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска