1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нова препорака, и нови критики за Македонија

Во извештајот за напредокот на земјата во изминатата година, Европската комисија изнесува забелешки и критики за повеќе поглавја. Спорот за името останува главен кочничар на напредокот кон ЕУ.

Европската комисија во извештајот за напредокот на земјата во 2013. година изнесе серија забелешки за бројни сегменти во државата. Се критикуваат независноста на судството, лошата економска состојба и високата невработеност, нарушената слобода на изразување и слобода на медиумите, а „сериозно загрижувачка“ е и состојбата со организираниот криминал.

Владата се оценува како стабилна и посветена на европските реформи, но се бара пристап кој ќе се базира на консензус во водењето на политиката, како и поголема дистинкција меѓу политичките партии и државните институции. Препораката за почеток на преговори останува, петта година по ред, но и натаму зависи од решавањето на спорот за името со соседна Грција.

Европската комисија се осврнува и на регионалната соработка, и потенцира дека добрососедските односи се есенцијален дел од напредокот на земјата кон Европската унија (ЕУ). Односите со Бугарија остануваат под влијание на различната интерпретација на историјата, а иако има преговори, ова останува

Gemeinsame Sitzung der mazedonischen und bulgarischen Regierungen

Добрососедските односи остануваат еден од главните услови. Македонскиот и бугарскиот премиер Никола Груевски и Пламен Орешарски.

отворено прашање, забележува Комисијата.

Проблемот со името продолжува да влијае врз односите со Грција, а и покрај посетата на посредникот на ОН, Метју Нимиц на Атина и Скопје, и разговорите во Њујорк, с‘e уште остануваат различните позиции на двете страни, констатира ЕК во извештајот.

Одржувањето на добрососедските односи, вклучувaјќи и заеднички прифатливо решение за името, под посредство на ОН, е од големо значење,- се констатира натаму.

Во поглед на судството, има некаков напредок, пред сe‘ со воведувањето на строгите професионални барања за судиите, а понатамошни подобрувања се потребни за да се обезбеди независноста на судството во пракса, стои во извештајот на Комисијата.

„Постои загриженост околу работењето на судовите во пракса. Таа се однесува на независноста, селективната правда, индиректниот политички притисок, невообичаено брзи постапки, и податокот дека содржината на пресудите понекогаш имаат директни консеквенци врз кариерата на судиите, особено во големи или политички чувствителни случаи“.

Се влошува угледот на земјата

Во однос на работата на Парламентот, Комисијата како „контроверзно“ го оценува насилното отстранување на опозициските пратеници за време на буџетската расправа на седницата на 24 декември 2012. година.

Во делот на медиумите и слободата на изразување, ЕК оценува дека „угледот на земјата продолжил да се влошува и на внатрешен план и во меѓународни рамки.

Der Tag der Europaflagge in Mazedonien

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав

И кај јавниот сервис и кај бројни приватни радиодифузери бил забележан недостаток на избалансирано информирање, особено за време на локалните избори. Останува загриженоста поради владиното трошење за реклами кои се насочени само кон провладините медиуми, како и поради автоцензурата меѓу новинарите и сопствениците предизвикана од економските притисоци“.

Во делот на економијата, ЕК изразува загриженост и критики поради постојаниот раст на надворешниот долг на земјата, слабиот прилив на директни странски инвестиции, непродуктивните трошоци, буџетскиот дефицит, слабата фискална дисциплина, невработеноста, инфлацијата... „И покрај подобрувањето на бројките на пазарот на трудот, политиката на пазарот на трудот има ограничен успех во адресирањето на хронично високата невработеност... Додека монетарната политика овозможува клучна поддршка за макроекономската стабилност, фискалната дисциплина е заслабната, а долгот расте. Јавното финансирање може да има поголем придонес кон стабилноста, на пример, со подобро усогласување на приоритетите во трошењето со структурните проблеми, и со фокусирање на зголемување на растот“, се наведува во извештајот.