1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Нова надеж за македонскиот тенис

Во рамките на втората евро-африканска зона од тенискиот Дејвис куп, Македонија игра против БиХ. Најдобриот македонски тенисер Предраг Русевски за ДВ зборува за состојбите во македонскиот тенис.

default

Предраг Русевски

Предраг Русевски е најдобриот македонски тенисер, кој одново е дел од македонскиот национален состав. „По пауза од два Дејвис куп меча, повторно се враќам во репрезентацијата. Долго размислував за овој меч и сфатив дека е најдобро и за мене и за сите фанови, за сите љубители на спортот, дека треба да помогнам. Проблемите што беа меѓу мене и другите играчи со Тениската федерација не сакам да ги коментирам, бидејќи тие проблеми секогаш биле и мислам и натаму ќе останат. Треба да гледаме на посветлата страна, на тенисот како спорт, така што со моето играње би дал повеќе за репрезентацијата и за евентуален успех во овој значаен меч за нас.“

Неопходна пауза

Agustin Calleri Tennis in Hamburg

Тенис

Не се најдобри спомените на Предраг Русевски на изминатата тениска година. Повреди, паузирања, презаситеност, паѓање на 614 место на АТП листата. „Може да се каже, немав среќа, бидејќи имав проблем со коленото. Решив да направам пауза, едноставно да ги средам работите. Да се одморам, бидејќи долго време играв постојано. Како да се презаситив. Сега одново добив желба за играње. Два месеца се подготвував и се надевам дека, токму овој меч, ќе биде почеток на успешаната година.“

Ова се случуваше токму во моментите кога беше на прагот на пробивот меѓу првите 100-200 тенисери во светот. Но, во тој период изостана и неопходната поткрепа од Тениската федерација на Македонија. „Тогаш, останав препуштен сам на себеси. Не бев финансиски моќен сам да ги издржам сите тие патувања, тренинзи...Тенисот е скап спорт, тоа требаше некој да го плати. Се трудев колку што можам, но сфатив дека сам не можам да успеам. Тоа е навистина тежок спорт. Го намалив учеството на турнирите, се преориентирав и на други работи, па можеби и тоа беа причините, поради кои падна мојот ранг.“

Оптимистички погледи

Australian Open 2008 Tennis Turnier Serena Williams

Тениски терен

Тенисот во изминатите две години беше еден од големите спортски хитови, благодарение на игрите на Русевски и на Магдинчев, кога Македонија дојде на прагот од светската група во Дејвис купот. Уследи болно резултатско тонење. Враќањето ќе е тешко, смета Русевски. „Имавме одличен период во нашите кариери и поединечно и за Дејвис куп репрезентацијата. Победивме силни репрезентации, пет многу подобро рангирани од нашата. Сметам, младата генерација не е толку добра да го понесе тој товар, тој притисок кога се игра за репрезентацијата. Мислам дека треба време да помине за да се врати на рамништето, кое ние го достигнавме.“

А, за претстојниот меч против БиХ, Русевски е со убави очекувања, иако македонскиот тим во него влегува без посебни подготовки. „Мечот со Босна и Херцеговина ни е одлична шанса, пред се’ да опстанеме во оваа лига. Тоа ни е првата реална шанса за опстанок во оваа група. Бидејќи, мислам дека следните мечеви би требало да ги играме како гости. Очекувам следниот викенд неизвесен меч и секогаш се надевам на поволен резултат.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска