1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нова култура на протести

Иронични пароли, перформанси, креативност... тоа се карактеристиките на протестите против естаблишментите во Турција и Бугарија. Социјалните медиуми се главен иницијатор на младешката енергија.

Веќе цел месец илјадници Бугари протестираат против олигархискиот политички состав во земјата. На 31. ден од протестите во Софија, и по примерот на француската револуција, демонстрантите на 14 јули на улица ја инсценираа славната слика на Еуген Делакроа „Слободата го води народот“. Една актерка ги разголи градите и се појави во специјален костум. Тоа беа впечатливи слики, и уште една од бројните остроумни акции кои станаа типични за протестите во Софија.

Културологот Ивајло Дичев, кој на лице место ги доживеал и протестите во Истанбул, вели дека можат да се направат паралели меѓу протестите во Бугарија и во Турција. „Оние кои излегуваат на улиците и припаѓаат на новата генерација која нема чувство дека политичарите ја застапуваат. Тоа е центарот на општеството, луѓе кои се лути поради тоа што властодршците ги газат демократските вредности“.

Türkei stummer Protest

„Тивок“ протест на Таксим во Истанбул

Луѓето во големите турски градови нема лесно да прифатат нивните жени да мораат да носат шамии, да се ограничува продажбата на алкохолот или да се забранува бакнување на јавни места. „Затоа и се случуваат креативни форми на протест како што е јавната консумација на алкохол или бакнување- тоа е порака до исламистите“, вели Дичев.

Креативни пораки

Според него, со слична креативност се одликуваат и паролите во Бугарија. Бугарскиот премиер Пламен Орешарски, на пример, го доби прекарот „Олигарски“. Новинарката и активист за човекови права Еми Барух прави паралела меѓу протестите во Бугарија и Турција.

„Заеднички именител им е фантазијата, креативноста, отфрлањето на насилството и способноста да се изолираат провокаторите“. Симболите на протестите и сликите кои демонстрантите ги испраќаат во светот се универзални. „Генерацијата Гези во Турција и генерацијата #DANSwithme во Бугарија се близнаци. Младите луѓе играат на дождот, се бакнуваат, прегрнуваат, сонуваат, создаваат некаков смисол. Нивната енергија е моќна, модерна и импресивна“, вели Барух.

Bulgarien Demonstration Protest gegen neugewählte Regierung

Од протестите во Софија

Тагот на Твитер #DANSwithme е јасна асоцијација на моќната бугарска тајна служба ДАНС. Тагот е инспириран од именувањето на Делјан Пеевски за шеф на оваа институција. По притисокот од јавноста, по само еден ден на функцијата, овој олигарх и сопственик на повеќе медиуми, си поднесе оставка. Популарен таг во Бугарија е и #Ignoresiderov- повик за игнорирање на Волен Сидеров, претседателот на ултранационалистичката Атака, со чија помош се формираше владата.

Социјална мобилизација

Социјалните медиуми како Фејсбук и Твитер во Бугарија и во Турција се главни инструменти на демонстрантите. Се работи за сосема нова култура на протести, вели Иван Кулеков, автор на документарен филм за протестите во Турција. „Демонстрантите се модерни млади луѓе кои се организираат преку Фејсбук и комуницираат преку Твитер. Тие се мајтапат со владејачките структури на многу суптилен начин“.

Притоа, не се модерни само начините на организирање и изразување, туку и главните цели на протестите.
„Во двете земји постојат јасно дефинирани цели на граѓанските движења. Се бара нов стил на владеење, со повеќе дијалог и граѓански права, поголема транспарентност и учество во граѓанското општество“, вели Еми Барух.

Протестите продолжуваат на улиците на Софија и Истанбул. За демонстрантите во Софија секој ден почнува со еден опуштен ритуал: заеднички се пие кафе пред зградата на парламентот.