1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Нова идеја на Шојбле: парламент на еврозоната

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во дискусија го воведе формирањето парламент на еврозоната. Освен тоа, тој како најголем проблем на еврозоната ги гледа - луѓето.

„Можам да замислам постоење на парламент на еврозоната“, изјави германскиот министер за финансии на почетокот на неделата во Брисел, на состанокот на Европската народна партија, на која припаѓа неговата Христијанско-демократска унија.

„Мораме да ја подобриме и зацврстиме европската интеграција на тој начин што ќе ги менуваме договорите за ЕУ“, додаде Волфганг Шојбле. Според неговото мислење, некои промени подобро би ја отсликувале новата реалност на еврозоната.

Против евроскептичарите

Шојбле потсети дека Франција и Германија лани предложија засилување на улогата на Европскиот парламент во одлуките кои се однесуваат на еврозоната. Според неговата идеја, тоа би било решено со основање на посебен парламент на овие земји. Освен тоа, „вратата на еврозоната би требала да остане отворена и за земјите кои се‘ уште го немаат воведено еврото“, а потребна е поголема согласност кога се работи за воведување построги правила за буџетската дисциплина. Но, Шојбле призна и дека европските договори не се менуваат така брзо, со оглед дека за тоа е потребна согласност на сите членки на ЕУ.

Европската народна партија е најсилна пратеничка група во Европскиот парламент. Во него се застапени и државите кои го немаат воведено еврото, како Велика Британија и Шведска. Во послендо време посебно Британија се спротивставува на мерките кои би овозможиле поголема контролна надлежност за институциите од Брисел. Освен тоа, за претстојните избори за Европскиот парламент (во мај 2014. година) се очекува пораст на бројот гласови во корист на партиите кои се критички расположени кој ЕУ и кон еврото. Јакнењето на тие партии во рамките на Европскиот парламент би го отежнало постигнувањето консензус во донесувањето на законите.

Главен проблем - човекот

Идејата на Шојбле доаѓа во момент кој го карактеризира прилично нетранспарентна работа на ЕУ, посебно на Европската комисија, која го потисна ЕП во дефанзива кога станува збор за донесување важни одлуки. Таа идеја сугерира дека проблемите на еврозоната би можеле да се решаваат во тело кое би се концентрирало исклучиво на нејзините проблеми, односно, скроено по нејзина мерка. Со други зборови, без мешање на такви земји како Велика Британија.

А, британските медиуми идеите на Шојбле ги следат главно со голема скепса. Така, на пример, на „Телеграф“ не му избегаа зборовите на германскиот министер од 28. јануари во Центарот за европска политика, според кои „главниот проблем на економијата е човекот“. Со тоа, како што пишува коментаторот на британскиот дневник, Шојбле обзнани дека во „еврозоната живеат погрешни луѓе и дека тоа е сега - официјално“. Пораката на коментаторите е дека е подобро да се биде на страната на луѓето, а не на страната на институциите, а ако институциите не ги претставуваат луѓето, тогаш би било подобро и да бидат укинати.