1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Нова ескалација во Украина, десетици мртви, евакуирана владата

По привидното примирје, претпладнево нова ескалација на насилствата во Киев. Во жестоките судири на демонстрантите и полицијата има десетици мртви. Евакуирана е и владината зграда.

Најмалку 21 лице загинало во експлозијата на насилство која се случи претпладнево во Киев, откако демонстрантите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и да упаднат во владината зграда. Евакуирани се и владината зграда и зградата на парламентот.

Во исто време, се одржуваат разговорите на украинскиот претседател Виктор Јанукович со министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Полска.

До новиот бран насилства дојде откако демонстрантите ја нападнале полицијата употребувајќи молотови коктели и камења. Повредени се голем број полицајци. Полициски извори тврдат дека опозиционерите почнале масовно да користат огнено оружје во судирите, и дека кон дел од ранетите полицајци било пукано од снајпер. Најмалку еден им подлегнал на повредите.

Демонстрантите соопштија дека уапсиле припадник на специјалната полиција кој пукал кон нив.

Припадници на специјалната полициска единица „Беркут“ претходно презедоа акција и се обидуваа да ги растераат демонстрантите од киевскиот плоштад „Независност“. Во операцијата се употребуваа шок-бомби и гумени куршуми.

На плоштадот се слушаат силни експлозии и се издига црн густ чад. Стравувањата се дека бројот на жртвите може драматично да порасне.