1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нова ерупција на вулканот Мерапи

При најновата ерупција на индонезискиот вулкан Мерапи рано утринава има повеќе загинати. Според медицинските служби, станува збор за повеќе од 70 жртви.

default

Вулканот Мерапи во Индонезија

Екипите на брза помош нoсат се’ поголем број повредени во болниците на најблискиот голем град Јогјакарта. Повеќето од нив имаат изгореници, како и проблеми со дишните патишта. Според болнички извори, повеќе од 150 лица се потешко повредени. Една жена од селата во подножјето на вулканот, кое исто така е покриено со вулканска пепел, раскажува: „Моето семејство и други луѓе бевме собрани во мојата куќа кога почна ерупцијата. Сите не’ фати паничен страв. Овде не’ донесе полицијата.“

Уште еден жител од селата во забранетата зона околу вулканот, што сега е проширена на 20 километри, појаснува: „Мојата куќа е согорена до темели. Таму горе се’ е црно. Вулканот постојано исфрла пепел. Целото село е покриено...“

Merapi Vulkan Ausbruch Indonesien

Вулканската пепел е опасна за луѓето и животните

Бегалски камп на стадион

Околу 100.000 лица изминатите неколку дена беа префрлени во привремени сместувалишта, кои се доволно оддалечени од вулканот. Многумина се сместени во училишта и други јавни објекти. Сега во фудбалскиот стадион во градот Јогјакарта, оддалечен околу 30 километри од Мерапи, се создава бегалски камп. Но, и таму граѓаните не се чувствуваат доволно безбедни и дел од нив се подготвуваат да заминат уште подалеку од вулканот. Раководителот на Кризниот центар Види Сутикно изјави: „Вчеравечер почнавме да го евакуираме населението. Во координација со локалните власти го отворивме бегалскиот камп на стадионот. Првите пристигнаа во него доцна синоќа, околу 23 часот. Веќе околу еден часот по полноќ се случи ерупцијата на вулканот.“

Flash-Galerie Merapi Vulkan Ausbruch Indonesien

Жители од загрозеното подрачје

Од грлото на вулканот ноќеска истече жешка пепел, која палеше се’ пред себе. Поради тоа спасувачките екипи со часови не смееја да влезат во загрозените села.

Противење на евакуацијата

Жителите претходно му се спротивставија на повикот на властите за евакуација од страв дека ќе го загубат добитокот. Претседателот на Индонезија Сусило Бамбанг Јудхојоно затоа најави државна програма за купување на добитокот, со што жителите од загрозеното подрачје ќе добијат можност за нов почеток во други подрачја на земјата.

Мерапи е висок 3.000 метри и е еден од најактивните вулкани во Индонезија. Вулканолозите проценија дека синоќешната ерупција е најсилна до сега, а очекуваат неговата активност да потрае уште неколку недели.

Автор: Бернд Муш-Боровска/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска