1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Нова ера наместо крај на светот

Можеме да здивнеме. Не само што на 21. декември нема да биде крај на светот, туку тогаш ќе започне и нова ера која буди надеж за подобра иднина. Тоа го тврдат припадниците на денешните Маи. А, кој да знае повеќе од нив?

Припадниците на древниот народ Маи ја набљудувале положбата на ѕвездите, како и движењето на Сонцето и Месечината. Тие ги проучувале климатските циклуси, должината на денот и ноќта, менувањето на дождовните и сушните периоди. Според тоа тие го определиле траењето на годината, која ја поделиле на 18 единици од по 20 дена. На крајот од секоја година се додавани уште по пет свети денови, кои биле посветени на размислувањето за минатото, сегашноста и иднината. Така, кај Маите годината траела 365 дена, значи исто како и според нашиот календар.

Враќање во минатото

Но, Маите не се народ само од далечните минати времиња кои своевремено живееле во градбите чии остатоци денес ги посетуваат туристи од целиот свет. Во Гватемала, земја во Средна Америка, припадниците на Маите и денес го сочинуваат мнозинството од населението. Тие зборуваат сопствен јазик, се занимаваат со земјоделство на сличен начин како и нивните предци пред повеќе од илјада години и се борат за преживување во овој модерен глобален свет.

Codex Dresdensis

Кодекс Дресденсис - ова е само еден од трите зачувани ракописи на Маите. Стар е околу 800 години, а се чува во музејот во Дрезден, па оттаму доаѓа и неговото име. Тој содржи записи за богови, астрономија, ритуали и катастрофи.

И додека ширум Европа многумина се загрижени за пророштвото од календарот на Маите, кое наводно предвидува дека на 21 декември оваа година ќе дојде крај на светот, Маите од Гватемала на сето тоа гледаат крајно опуштено. Селанката Марија Матео во ниту еден случај не верува дека претстои некоја катастрофа. Напротив, таа е уверена дека постои причина за надеж.

„Ние навистина веруваме дека ќе дојде до промени, но не на одредениот датум. Секој човек може да даде придонес кон таа промена. Луѓето навистина мораат да почнат да ја штитат природата. Народот Маи, а пред се’ жените, мораат да се обединат и заеднички да се борат за нашата мајка Земја“, вели Матео.

Почеток на нова епоха

Maya Kalender Weltuntergang Dezember 2012 Guatemala

Маите ја негуваат традицијата и очекуваат да се родат многу талентирани деца

За астрономите меѓу старите Маи една сончева година била единица за еден далеку подолг циклус, т.н. бактун. Секој бактун траел 400 години. Маите верувале дека времето почнало пред точно 5.200 денови и со тоа 13-от бактун завршува на 21 декември оваа година. Тогаш започнува нова епоха во која многу Маи очекуваат подобрување на своите животни услови. Социологот Виргилио Алварез, директор на латиноамериканскиот Факултет за социјални науки смета дека медиумите во западните земји го земале календарот на старите Маи како повод за егзотично известување во кое не се работи за вистинскиот живот на денешните Маи, туку за чист фолклор.

„Понекогаш Маите се претставуваат крајно романтично, како сиромашни и диви Индијанци на кои мора да им се помогне толку долго се‘ додека на главите носат украси од пердуви. Но, меѓународните концерни во текот на глобализацијата како потрошувачки потенцијал ги открија домородните племиња. Сега се сака ним да им се продадат работи како мобилни телефони или лаптопи. Во исто време, посебно во Европа, исчезна солидарноста со Латинска Америка. Во голем дел одговорноста е на Европа за уништувањето на древната култура на Маите“, смета социологот Алварез.

Духовните водачи на припадниците на Маите во Гватемала изразија загриженост и надеж за нова епоха во заедничката своја изјава: „Светот зборува за уништување на природата, за последиците од климатските промени, за исчезнувањето на разновидноста на видовите. Ние Маите непосредно ги чувствуваме промените на климата. Повеќе од 80 проценти од нашиот народ живее во сиромаштија. Големите компании ги крадат нашите планини, шуми и реки, градат хидроелектрани, се занимаваат со рударство, вадат нафта или садат монокултури. Нашите природни богатства се оттуѓуваат, нашите права се кршат, исто како и пред 400 години, кога започна 13-от бактун“.