1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Нова епизода во скандалот со коњско месо

Инспекторите при контрола на трговска фирма на големо во Холандија пронајдоа недекларирано коњско месо во производите за масовна потрошувачка. Тие биле извезувани и во Германија.

Во цела Европа треба да бидат повлечени околу 50 илјади тони месо, по кое се трага. Холандските власти издадоа налог за повлекување на овие огромни количества од продажба: нова епизода во скандалот со недекларирано коњско месо. Потеклото не месото не е точно утврдено, па не може да биде гарантирана безбедноста на производите за исхрана, соопшти службата за контрола на животните продукти во Утрехт. Но, засега нема конкретни укажувања за опасност по здравјето на луѓето.

Во Холандија сега околу 130 меѓутрговци и фирми за преработка на месни производи треба да ги најдат и да ги повлечат производите од нивните муштерии - на пример супермаркетите. Погодени се 370 претпријатија во различни европски земји, меѓу кои Германија, Франција, Шпанија и Португалија. Веројатно дел од месото е веќе изедено, велат службите од Утрехт.

„Но, голем дел од месото е преработено во замрзнати готови јадења, а ќофтињата или хамбургерите имаат долг рок на траење“, појаснува еден портпарол. Можеби ќе биде побарано од потрошувачите да вратат одреден вид производи или да ги уништат.

Инспекторите наишле на сомнително месо при проверката на крупна трговска фирма на големо. Потеклото на месото не може да се утврди од документите кај фирмата. Исто така е нејасно и каде натаму е испорачано месото, односно преработките. Холандските власти на најновиот случај реагираат со опсежна проверка и вонредни контроли кај домашната месна индустрија.