1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нова датотека против десниот екстремизам

Германската влада во бората против десниот екстремизам, покрај Ценатрот за терористичка одбрана, донесе одлука да биде отворена и централна датотека каде полицијата и тајните служби ќе ги меморираат сознанијaтa.

Идејата за ваква датотека не е нова, оти уште во 2001 година постоеја повеќе датотеки каде се собираа информации за насилствата мотивирани од десен или лев екстремизам, или политички мотивиран криминал врз странци. Со оглед на сознанијата по откривањето на неонацистичката терористичка тројка во ноември минатата година и големиот број грешки на безбедносните служби, новата датотека треба да прерасне во оружје против десниот екстремизам. Според германската влада, во иднина полицијата и тајните служби треба да ги собираат сознанијата за десните екстремисти во планираната датотека против неонацизмот.

Bundesinnenminister Hans-Peter Friedrich zur Neonazi-Verbunddatei

Министерот за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих

Веќе постоечката датотека за десните екстремисти со насилнички потенцијал ќе биде полнета и користена исклучиво од полицијата, подвлече министерот за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих и дополни дека овие служби ќе бидат обврзани да ја користат датотеката.

Новата датотека ќе содржи многу повеќе информации и ќе им стои на располагање на поголем круг корисници. Поддржувачите сметаат дека на тој начин ќе се овозможи порано откривање на десноекстремистички структури и нивно следење. Терористичката група „Националсоцијалистичко подземје“, откриена во ноември мината година, на чие конто се препишуваат веројатно десет убиства, долги години беше неотркиена пред се’ поради недоволна комуникација меѓу различни надлежни институции.

Министерот за внатрешни работи Фридрих појаснува како ќе функционира оваа датотека: „Кој ќе биде внесен во датотеката? Тоа се лица кои се под сомнение дека припаѓаат на терористичко здружение или криминална организација, кои веќе се осуден или се обвинети. Но станува збор и за сомнителни лица, кај кои се пронајдени оружје, експлозивни материјали или слично. Сакаме да ги меморираме и десните екстремисти кои повикуваат на насилство или истото го поддржуваат. Значи станува збор за контакт личности и организатори.“

Профилите на лицата исто така ќе бидат многу попрецизни отколку досега. Личните податоци како име презиме, возраст, потекло, фамилијарен статус заедно со информациите за поседување на автомобили, оружје и банкарски конта ќе бидат централно меморирани.

Претседателот на Сојузната служба за борба против криминалот (БКА) Јерг Цирке оцени дека датотеката за неонацистите е „важен чекор“ во борбата против десниот екстремизам. Според него, оваа база на податоци ќе биде важен извор на податоци за центарот за одбрана од десниот екстремизам со седиште во Келн и Мекенхајм, за навремено да може да се откријат опасни личности на десноекстрмиситичката сцена. Шефот на БКА смета дека планираниот нов инструмент е соодветен и не ги споделува стравувањата дека може да ги загрози личните права.

Задршки против неонаци-датотеката има Партијата на Левицата во Бундестагот. Полицијата и тајните служби имаат „повеќе од доволно инструменти и компетенции за борба против десниот екстремизам“, изјави Јан Корте задолжен за внатрешна политика во Партијата на Левицата. За Германија е „срамно“ што поради лошата работа на институциите сега треба да бидат ограничени основните права, критикува Корте. Сите други партии во парламентот немаат задршки во однос на планираната датотека.

Одговорниот за заштита на податоци во германската влада Петер Шаар го поздрави фактот што за датотеката е врзано временско ограничување до 2016-та, кога треба да се провери каков е ефектот од нејзе, но во основа неговите задршки против интензивно спојување на датотеките меѓу полицијата и тајните служби остануваат.

Автор: Марсел Фирстенау / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска