1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Нова војна во Ирак?

Ситуацијата во Ирак е се уште опасна, а судирите се зголемуваат во драматични димензии. Зошто?

Вака беше пред една година, а сега_

Вака беше пред една година, а сега_

"Сегашната ситуација во Ирак е мизерна. За жал неа ја предизвикаа коалиционите сили, зашто кога го нападнаа Ирак не носеа со себе и разумна стратегија за потоа. Она што се случува сега е хуманитарна катастрофа“.

Ова се зборови на Никол Шувеири, портпаролка на Амнести интернешенел. Една година по војната се чини дека во Ирак започнува нова војна. Дали е тоа народна интифада на бесното ирачко мнозинство? Барем во едно се согласни сите посматрачи: ако младите во Фалуџа аплаудираат кога американските трупови се обесчестуваат, ако судирите меѓу окупационите сили и Ирачаните се проширија врз голем дел на земјата – тогаш не може да се зборува за тероризам на малкумина приврзеници на Ал Каеда или на партијата Баат на Садам Хусеин. Абдел Хусеин Шабан, Ирачанец, претседател на арапската организација за човекови права тврди:

“Овие вооружени судири веќе не може да се толкуваат како работа на малкумина екстремисти. Посебно не ако се толку зачестени низ голем дел на ирачката територија“.

Колкумина приврзеници има Моктада ел Садр, новиот крвен непријател на САД во Ирак? И колкумина од нив можат да спречат успешна стабилизација на земјата? Дали се илјада, 6 или 10 илјади, или се 100 илјади на колку што проценуваат посматрачите? Или се 5 милиони Шиити кои, повторно според посматрачите, ја претпочитаат програмата на Садр за воспоставување исламска држава?

Во секој случај во моментов во Ирак се чини стрелката покажува повеќе кон ескалација отколку кон стабилизација. Подеднакво како и Никол Шувеири и Абдел Хусеин Шабан главната одговорност за сегашните немири ја гледа во ирачкиот министер за човекови права Абдел Басет Турки, кој вели:

“Мислам дека окупационите трупи започнаа со ескалацијата на насилството. Ќе беше подобро ако се решеа за дијалог или кон посредување со луѓе на кои им веруваат обете страни“.

Амнести интернешенел и арапската организација за човекови права опстојуваат на тоа дека во оваа нова војна станува збор главно за латентно одржуван бес и незадоволство кај ирачкиот народ. Никол Шувеири:

“Амнести интеренешенел ги повика окупационите сили да ја прифатат нивната одговорност и да се грижат за безбедноста. Досега тоа не им успеа. А, тоа е една од главните причини за незадоволството на Ирачаните“.

Овие организации за човекови права се согласни дека ниту насилството на едната или на другата страна не може да води кон стабилизација на Ирак. Нивната критика содржи долга листа на прекршувања на човековите права од страна на коалиционите сили, кои ја носат главната одговорност за безбедноста во Ирак. Безбедноста пред се на цивилното население кое во ваквите судирања секогаш најмногу страда, при што пак повторно расте незадоволството и само ги заострува фронтовите во новата војна.