1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нова власт - стари рампи за името!

Стагнацијата на разговорите меѓу Македонија и Грција околу името ќе потрае, оценува во разговор за ДВ проф. Хајнц-Јирген Акст. Тој е скептичен дека ЕУ би презела иницијатива за надминување на стагнацијата во преговорите.

Победата на Нова Демократија на Антонис Самарас можеби ќе го спречи пропаѓањето на еврото, но во никој случај  нема да донесе надминување на дводеценискиот спор околу името меѓу Македонија и Грција. Напротив, како што сметаат добрите познавачи на состојбите во регионот, во ситуацијата во којашто се наоѓа Грција не е исклучено проблемот со името буквално и да се „забетонира“!

„Сметам дека Грција е толку многу погодена од евро-кризата, што ниту една од партиите нема да изнајде можност да се занимава со надворешнополитички теми. Поради ова, мора да се смета дека и натаму ќе владее стагнација во спорот со името“, изјави за ДВ д-р Хајнц-Јирген Акст, добар познавач на Балканот и професор на катедрата Жан Моне на Универзитетот  Дуизбург - Есен.

До решението ќе минат години!?

Heinz-Jürgen Axt

Проф. д-р Хајнц-Јирген Акст е скептичен дека Унијата би покренала иницијатива за надминување на стагнацијата во преговорите околу името

Ситуацијата околу финансиската криза е таква - каква што е! Значи ли тоа дека со владата на Самарас за година или две, нема да има поместување на позициите, кои за Македонија значат - натамошно блокирање на пристапните преговори со ЕУ? До кога ваквата состојба ќе се толерира и може ли Европската унија конечно да притисне? Акст во својот одговор е песимист:

„Стравувам дека до решението можеби ќе потраат не месеци и година, туку години! Ова е резултат на повеќе околности. Прво: Грција  надворешнополитички е неспоробна да делува зашто е заглибена во финансиската криза. Второ - партнерите во Европската унија и еврозоната се занимаваат речиси исклучиво само со прашањето на еврото. Трето, се’ повеќе држави,  како што се слуша сега и Кипар, ќе бараат закрила под чадорот на еврото. Во целава оваа ситуација, многу сум скептичен дека од  страна на Европската унија би дошла иницијатива која би била неопходна за да се надмине стагнацијата во преговорите меѓу Грција и Македонија“, смета професор Акст, кој додава:

„Секако дека останува можноста иницијативи да се покренат и од македонска страна. И тоа иницијативи за доверба кои би можеле да се усогласат со Европската унија. Не гледам, меѓутоа дека вакво нешто Македонија презема во свои раце. Македонија не мора да остане без дејствување само поради тоа што Грција е неспособна за преговори. Сметам дека секој политичар во Скопје треба да е начисто дека во Атина има партнер чии раце во моментов се навистина врзани“, коментира за ДВ професор Хајнц-Јирген Акст.

Поврзана содржина