1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нова влада, стари маки во Србија

Во Србија темелно се промени односот на моќта, но и покрај тоа за граѓаните речиси се’ ќе остане по старо, коментира Драгослав Дедовиќ, уредник на редакцијата на српски јазик во Дојче веле.

Новата влада има сосема тесен маневарски простор. Таа најпрво ќе вежба избегнување катастрофи. Државата речиси е банкротирана, платите и пензиите од буџетот не се обезбедени ниту за следниот месец, економијата е затетеравена, постои владеење на партократска елита во комбинација со тајкуни од заднина, сиромаштија, бела чума и се’присутна корупција. Тоа миленикот на Западот, Борис Тадиќ го остави во наследство од минатите осум години на власт. Негова заслуга е и враќањето на Социјалистите од маргините на политичката сцена. Дачиќ во 2008-ма година се понуди за привидно ниска цена како некој кој ќе им обезбеди на демократите мнозинство, а со тоа и власт.

Schriftsteller und Literaturkritiker Dragoslav Dedovic

Драгослав Дедовиќ, уредник на редакцијата на српски јазик во Дојче веле

Сега може да се констатира дека „историското помирување“ на демократите и социјалистите - без лустрација, расчистување со старите сметки и со игнорирање на прашањето за одговорноста за националната катастрофа од деведесетите години – сега на Тадиќ му е испорачано како политички бумеранг. Меѓутоа, на новиот премиер, остроумниот Ивица Дачиќ, нема да му помогне префрлувањето на вината врз претходниците, кога се знае дека и тој учествуваше во таа власт. Тој, судејќи според се’, ќе мора да се задолжи уште повеќе, ако не сака неговиот мандат да биде запамтен како грчка трагедија.

Партнерите на Дачиќ

Во парламентот Дачиќ може да смета на солидно мнозинство. Неговиот тим додуша се состои од неколку поранешни шовинисти, кои да се надеваме дека со годините станале помудри. Тука има и некои пребегувања од поранешната влада, а тука има и по некоја живописна фигура, добро позната по кабаретски истапи на собраниската говорница. Сепак, судбината на оваа влада зависи од балансот на моќ меѓу Дачиќ и најјакиот играч на Николиќ, Вучиќ. Сите знаеме дека тој како министер за информации во деведесетите години значително ги загушуваше медиумските слободи, а сега му е доверена една цела војска, додуша мала, но наоружана. Знаеме и дека тој од пред некоја година со задоволство настапува проевропски. Ништо од враќањето во деведесетите. Многу е поверојатно дека војската на Вучиќ сепак ќе ги продолжи повремените заеднички вежби со НАТО единиците и оти никогаш нема да добие наредба да се врати на Косово. Тоа е добра вест за земјата.

Воочи ја разликата

Надворешно-политички и новата опозиција и новата власт уште од донесувањето на Уставот постигнаа согласност: Србија ќе стане дел од ЕУ, а Косово ќе остане срцето на Србија. Тоа покажува дека разликите меѓу најголемата партија на власт – Српската напредна партија, и најголемата опозициона партија – Српската демократска партија, речиси да се невидливи. Тие две партии се слични и по тоа што се оддалечија и од стојалиштата на своите основачи. Демократите уште Ѓинѓиќ ги воведе во социјалдемократската фамилија на европските партии, но денешните протагонисти со зборовите и делата повеќе личат на неолиберални заговорници со чисто капиталистички дух. Клучните луѓе од Напредната партија се’ српската идеја, која до скоро милитантно ја застапуваа, ја заменија со социјален популизам, а приклонувањето кон Русија со приклонување кон Европа.

Европа наспроти Косово

Така, стратешката цел за додавање на српска ѕвезда на знамето на ЕУ има двотретинско мнозинство во парламентот. Критиките ќе се слушаат од клупите околу Чедомир Јовановиќ, бидејќи европеизацијата не оди баш пребрзо, но тешко дека тоа ќе го забрза целиот процес. Но, луѓето собрани околу Коштуница ќе делуваат по малку старомодно, кога ќе ја пцујат ЕУ, која како да го граба Косово. Ивица Дачиќ не залудно го мина патот од исклучителен студент на политички науки, преку портпарол на Милошевиќ, министер на Тадиќ до премиерската фотелја. Значи, тој не е наивен, па многу добро знае дека двете крупни цели – ЕУ и Косово, порано или подоцна ќе дојдат во колизија. Тој се надева барем на симболични отстапувања кон Западот и Приштина, за да би можел да го оправда евентуалниот договор, па дури и индиректното признавање на косовската државност.

Историска правда

Во регионот сите внимателно набљудуваат што ќе донесе со себе промената на власта во Србија. Посебно Сараево и Загреб прво сомнително ќе ја дочекаат декларативната волја за помирување, која и покрај јазичките акробации од типот „злосторство, но не геноцид“, сепак ќе стигнува и од овој официјален Белград. Томислав Николиќ додуша се откажа од радикалите, но не и од акциите во фирмата што ја печати книгата на Шешељ – д.о.о. „Голема Србија“. Можеби навистина се работи за фолклористички остатоци од политиката која е напуштена. Но, очигледно „Голема Србија“ работи добро, кога претседателот не сака да се одрече од своето учество.

За разлика од неа, д.о.о. Србија се наоѓа во жална состојба. Судејќи според првиот премиерски настап, постапката за санација би можела да биде макотрпна.

Во таа работа за опоравување на Србија секако дека спаѓа суштинското помирување во регионот. Тоа не е можно без јасни докази дека проектите, како што е Голема Србија, се минато, бидејќи поради тоа голема цена платија Србија и околните земји. Во тоа има некоја историска правда, бидејќи токму на некогашните жестоки поборници за тој проект – Николиќ, Вучиќ и Дачиќ, ќе им припадне честа таа вистина јасно и гласно да му ја соопштат на народот.