1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нова влада со ротирани кадри

Нема повеќе непознати околу составот на новата македонска влада. Коалициските партнери ги договориле сите кадровски решенија. Најмногу промени има во министерските места на ДУИ

default

Нов министер за надворешни работи ќе биде номинираниот млад амбасадор во ЕУ, Никола Попоски, во здравството е ротиран Никола Тодоров, досегашниот министер за образование. Во ресорот полиција ќе биде Гордана Јанкулоска, финансии Зоран Ставревски, а урбанизам, култура, вицепремиер за економија се исто така со проверените соработници на премиерот.

Мандатарот се определи за разигрување на третиот кабинет без многу кадровски турбуленции од владејачкото мнозинство. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ со порадикални понуди и персонални иновации – со младиот Ваљон Сарачини, од Американ Колеџ, како министер за економија, Блерим Беџети во ресорот за правда, за одбрана Фатмир Бесими, со евроинтеграцијата ќе раководи Теута Арифи, а вицепремиер за Рамковен договор ќе биде Муса Џафери, додека неговиот претходник Абдулаќим Адеми ќе биде министер за екологија.

Критики за Ахмети

Mala Recica Tetovo

Али Ахмети е цел на критики поради распределбата на владините ресори

Интегративците практично имаат нов министер во секој сектор, но и покрај тоа дел од аналитичарите и ТВ Алсат на албански, остро го напаѓаат лидерот на партијата дека е заложник на ВМРО-ДПМНЕ, неговите програмски и кадровски приоритети. Во синоќешното интервју за Алсат-М, Али Ахмети со одбрана - „Мислам дека не е реално, на пример една политичка сила како што е ДУИ да не ги прифати аргументите што се презентираат од другата страна. Сега не знам колку можете да ме разберете. Дирекцијата за безбедност го покрива униформираниот сектор на полицијата, а Министерството за одбрана го покрива делот на униформираните сили, на армиските сили на државата и практично излегува дека ДУИ би ги водела сите униформирани и вооружени сили на државата - и на полицијата и на војската“, одговори синоќа Ахмети во телевизискиот настап.

Партиските врвови на коалициските партнери ги одобрија персоналните решенија на идниот министерски кабинет. Мандатарот Груевски ги образложил и пред раководството на ВМРО –ДПМНЕ со нагласок дека договорот со ДУИ ги уважува партиските приоритети и ветувања пред македонскиот електорат. Главна карактеристика на новата влада е ротирањето на кадрите, што во основа значи дека старо-новиот премиер не сака многу кадровски иновации.

Ротации со стари кадри

Рокадите се изнудени при составувањата на нова влада со исти кадровски

Mazedonien Regierung Sitzung

Седница на минатиот владин состав

понуди, вели Здравко Савески, универзитетски професор од приватниот ФОН, се разбира ако мотивацијата за тоа не е „изигрување на гневот на јавноста кон министер кој претходно бил подложен на критики во јавноста и сега треба да се заштити од нов“. Според Савески нормално е партиските врвови да ги бранат решенијата за министри, особено кога се договара мултиетничка влада во која сеуште националните приоритети се важни и за Македонците и за Албанците.

Проверка на таквите интереси се експресните промени во примената на албанскиот јазик, со што се нудат половични компромисни решенија – во Собранието министрите од таа етничка заедница да говорат на својот мајчин јазик на пленарните седници, но само ако биде прашан на албански.

„Ахмети и Груевски си подадоа рака, но дали се свесни дека со оваа мала и брза промена го уриваат големиот компромис со Рамковниот договор“.

За Шеќеринска, од СДСМ тоа е изигрување на решенијата од Рамковниот договор, додека за Милошоски „точно е дека е прекршен Рамковниот, но од само еден политичар, лидерот на опозицијата Црвековски, кој го прекршил со решенијата околу територјалната поделба и општинските граници на негово Кичево или Струга, каде Албанците станаа доминантно население“.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM