1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Нова влада во Прага

Еден месец по оставката на премиерот Петр Нечас новата чешка влада поднесе заклетва. Претстои гласањето доверба за новото раководство во парламентот.

Премиерот Јири Руснок и неговиот петнаесетчлен кабинет денеска поднесоа заклетва кај чешкиот претседател Милош Земан (на насловната фотографија десно). Нов министер за финансии ќе биде поранешниот премиер Јан Фишер. На средината на минатиот месец екс премиерот Петр Нечас поднесе оставка порад афера со корупција и шпионажа. Новото раководство кое го доби одобрувањето од претседателот меѓутоа досега го одбиваат партиите застапени во парламентот.

Лоши изгледи

Се' уште е неизвесно дали т.н. „Кабинет на стручњаци“, кој претежно го сочинуваат левичарско ориентирани политичари и економски експерти ќе ја добие довербата.

Централно- десничарската коалиција, која ја сочинуваше досегашната влада се залага имено претседателката на парламентот Мирослава Немцова да ја преземе владата до наредните регуларни избори во 2014 година. Со тесното мнозинство во парламентот е неизвесно, дали новата влада таму ќе добие зелено светло. Немцова веќе ја одби новата влада со зборовите дека парламентот бил заобиколен при формирањето на кабинетот и затоа не бил легитимен. 

Во рок од 30 денови новата чешка влада мора да го постави прашањето на доверба пред парламентот. На барање на социјалдемократите наредната недела во парламентот би требало да се разговара за самораспуштање и нови избори. За тоа се потребни 120 од 200 гласови во парламентот. Во таков случај во рок од 60 денови се предвидени нови избори.

Новата влада во Чешка е формирана откако падна владата на премиерот Нечас поради скандалот со корупција и шпионажа. Во спектакуларна акција околу 400 полицајци извршија претрес во централата на владата и министерството за одбрана. Нечас, кој на барање на државното обвинителство би можело да го загуби имунитетот, се обвинува дека ги купил гласовите на тројца пратеници за како против услуга да им обезбеди високи работни места во државни претпријатија.