1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Нова биографија на Меркел - сомнителна сензација

„Првиот живот на Ангела М.“, треба да предизвика дебата. Набљудувачите се сомневаат во вредноста на откритијата во книгата за канцеларката. Сепак, биографијата се појавува во изборна година и сигурно ќе привлече внимание

Вистинско откритие или „гола вода“? Меѓу овие два екстрема се движат оценките за новата книга за Ангела Меркел, која ќе излезе од печат деновиве. Двајцата автори, Георг Ројт и Гинтер Лахман, во биографијата „Првиот живот на Ангела М.“ фрлаат поглед врз еден чувствителен период во животот на канцеларката. Станува збор за времето во Германската Демократска Република (ГДР), каде што Меркел наводно вршела „агитација и пропаганда“ за комунистичката младинска организација ФДЈ. Кога би станувало збор само за ГДР-биографија тоа не е ништо чудно, но кога се работи за канцеларка на Сојузна Република Германија тоа, во најмала рака, е иритирачки.

Buchcover - Das erste Leben der Angela M.

Насловната страница на новата биографија

Книгата на 336 страници, која излегува од печат на четири месеци пред парламентарните избори во Германија, треба да ги затвори дупките во информациите од животот на Меркел, кои досега беа оставени отворени и не беа третирани во останатите биографии, вели Лахман во разговор за ДВ. Дел од тоа е и прашањето - дали Меркел била секретар на ФДЈ за пропаганда или не.

Германската влада во тоа не гледа никакво спектакуларно откритие. Меркел уште во 2005 година, во книга со наслов „Мојот пат“, за тоа се изјасни опширно и многу лично.„Тоа би го препорачал за читање“, рече заменикот портпарол на сојузната влада Георг Штрајтер.

Авторот Лахман има поинакво мислење. Во „Мојот пат“ Меркел наведува дека не може да се сети дали вршела агитација и пропаганда. Тој пак тврди дека за тоа има докази. „Има двајца сведоци“, нагласува Лахман. Се работи за добри пријатели на Меркел, со кои таа во тоа време имала тесна сорабтока и со кои минувала и голем дел од слободното време. Двајцата биле секретари на ФДЈ на Академијата за науки. Освен тоа, уште една функција на канцеларката се истакнува во новата книга - таа во синдикатот била надлежна за работа со млади.

Angela Merkel DDR

Ангела Меркел (во тоа време Кеснер) во 1973 година на кампување

Какво влијание имал еден секретар на ФДЈ?

Токму одговорот на ова прашање е важен за да се сфатат презентираните откритија во биографијата, пред се‘ да можат да ги сфатат луѓето кои досега малку се занимавале со времето и системот на ГДР.

Политичките механизми и каузалности во ГДР функционираа според сопствени правила, така што позиционирањето на одредена функција може од денешен аспект да се сфати и погрешно, вели Клаус Шредер, експерт за овие прашања од Слободниот универзитет Берлин. Тој во интервју за ДВ оценува:

„Членството во ФДЈ и преземањето на некоја функција не значат ништо.“ Тогаш постоело нешто како општествена обврска за ангажирање, па и во рамки на младинската организација. Но, „Секретар на ФДЈ за агитација и пропаганда овде звучи како да работеле мали ’Гебелсчиња’“, истакнува истражувачот на ГДР, Шредер. Членовите на ФДЈ всушност требало да ги информираат студентите и да организираат манифестации. „Тоа треба да се разгледува од случај до случај, но било повеќе банална работа.“

И фактот дека Меркел била синдикално ангажирана е само условно погодна за проценка на нејзиното дејствување, нагласува Шредер: „И тоа е функција која во ГДР ја извршувале стотици илјади луѓе.“

Angela Merkel DDR

Ангела Кеснер (втор ред, во средина, малку затскриена) во 1971 година, со школските пријатели од Политехничкото училиште

Она што е одлучувачки за оценка на идеологијата на Меркел и политичкиот ангажман е фактот дека таа не станала член на СЕД (Комунистичката партија во ГДР, н.з.), како други два милиони граѓани на ГДР. „Да се извлечеш од секаков ангажман во ГДР не беше можно.“ Врз луѓето постојано бил вршен притисок да станат активни во некоја од организациите. „Но прагот во политичката сфера бил пречекоруван кога се станувало член на СЕД или друга партија од т.н. блок-партии (партии кои требало да дадат привид на плурализам и кои егзистирале покрај Комунистичката партија и со нејзе биле поврзани во блок, н.з.)

Информациите за овие нешта авторите на биографијата сакале да ги добијат од Меркел. „Не е ни толку важно дали била секретар за агитација и пропаганда, туку тоа што ги премолчела работите“, вели Лахман.

Дали Меркел како носител на висока јавна функција е премалку отворена за давање информации? При истражувањата за книгата листата со прашања упатена до канцеларката остана неодговорена, нагласува Лахман. Портпаролот на владата Штрајтер тоа го релативизира: „Не би интерпретирал премногу. Многу луѓе кои пишуваат книга за сојузната канцеларка и упатуваат прашања до нејзе, ќе бидат малку разочарани.“

Drei Buchcover Angela Merkel

За Ангела Меркел има повеќе биографии

Ангела Меркел самата неодамна го нагласи отворениот однос со нејзиното ГДР-минато. Таа никогаш не криела ништо, но можно е да не раскажала некои работи затоа што за тоа не била прашана. Жаклин Бојсен, поранешен биограф на Меркел, во тоа гледа реакција на можно негативно искуство на Меркел: „Таа еднаш се обиде многу отворено пред младинската организација на ЦДУ, Младата унија, да раскаже случка од ГДР-времињата, но беше сосема погрешно разбрана“, вели Бојсен. Тоа е можеби и причината за нејзината воздржаност.

Во однос на откритијата во новата биографија, Бојсен е критична: „Мислам дека во извесна мера е апсурдно што оваа приказна постојано се вади на виделина и тоа, ако им се верува на објавените делови пред излегувањето на книгата од печат, покажува дека нема ништо ново.“ Нема причина за јавна возбуда. Зборот „откритие“, според Бојсен, е многу претеран.