1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нова американска амбасада во Скопје

Во Скопје свечено е отворена американската амбасада, едно од најголемите претставништва на САД во Европа. Импресивниот објект на над 8000 м2 има десетина објекти, за чија изградба се вложени меѓу 60 и 80 милиони долари.

default

Во Скопје никна уште еден грандиозен објект

Распослан над Скопје, крај Вардар, на локалитетот Градиште на тврдината Кале во близина на Топаана, близу познатата суб-стандардна ромска населба, комплексот на амбасадата на САД има и неколку ископани спратови под земја. Во амбасадата на САД работат 300 луѓе и се претпоставува дека оваа амбасада е еден од новите центри на безбедносните агенции на САД за поширокиот регион.

Локацијата од 11 хектари на САД им ја продаде владата на СДСМ, во 2004, се почна со градба во 2006 и по три години, новата амбасада е предадена во употреба. Филип Рикер се всели во март, но тој го запамти и палењето на старото дипломатско седиште со што група демонстранти го искажаа бесот и незадоволството поради бомбардирањето на САД врз Србија пред една деценија.

Без многу помпа, но со силно обезбедување и хелихоптерско набљудување, на церемонијата беше македонската политичка и бизнис елита, познати новинари, естрадни ѕвезди, јавни личности, дипломатскиот кор во Скопје.

Ќе никне и нова населба за дипломатскиот кор од амбасадата?

Neuer amerikanischer Botschafter in Skopje Philip T. Reeker mit maz. Außenminister Antonio Milososki

Амбасадорот Рикер на една од средбите со Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски

„Со отворено срце ја прифаќаме можноста да работиме заедно за да обезбедиме подобра иднина за сите. Благодариме на сите“. Амбасадорот Филип Рикер не пропушти да рече дека САД се стратешки партнери на Македонија, со желба таа да биде членка на НАТО, со непосредна финансиска помош од една милијарда долари во изминативе години на независност, вложени во АРМ, економијата, образованието и инфраструктурата. Новиот дипломатски комплекс на Балканот не привлече висок гостин од Вашингтон. Се појавија информации дека потпретседателот на САД, Џо Бајден, на неодамнешната балканска турнеја, можеби би слетал и во Скопје на отварањето на амбасадата, доколку владата на Груевски тогаш покажала поголема флексибилност во грчко – македонскиот спор, по сугестиите на Вашингтон.

На изградбата на амбасадата им претходеа ископини на локалитетот Градиште за да се утврди дали има археолошки артефакти, како на познатата соседна тврдина Кале. Беа собрани околу 15 илјади потписи против нејзината изградба на оваа стратешка квота во Скопје. Сега се говори дека на местото на воената касарна, што е стотина метри спроти амбасадата, би можело да се гради затворена станбена населба за дипломатскиот персонал на САД во Македонија, за кој се претпоставува дека се‘ уште не е во целосен состав.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска