1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Новата транша помош за Грција е сигурна?

Експертите на таканаречената Тројка повторно ги контролираат реформските напори на Грција. Атина се надева дека до утревечер (15.04) ќе бидат расчистени и последните детали за наредната транша помош.

Грција, според кругови блиски на преговорите што земјата ги води со експертите на таканаречената Тројка (ЕЦБ, ЕУ и ММФ), наскоро може да смета на наредната транша помош од меѓународните инвеститори, во висина од 10 милијарди евра. Заменикот грчки министер за финансии Христос Стаикурас изјави дека очекува последните детали со Тројката да бидат расчистени до утревечер. Министрите за финансии на ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд потоа во мај би разговарале за резултатите од контролите на Тројката. Дури потоа земјата би ја добила помошта.

Грција досега, од првата програма за помош во 2010 година, доби помош во висина од 200 милијарди евра. Парите се исплаќаат во транши, а земјата за возврат мора да спроведува реформи. Според Сатикурас, Грција се согласила да отпушти 15.000 вработени во јавниот сектор и да вработи онолку млади луѓе колку што е тоа можно. До 2015 година Грција мора да го скрати својот јавен сектор за околу 150.000 вработени. Тоа е една петтина од вкупниот број работници во овие дејности во 2010-тата година.