1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Новата статуа на Александар и стариот апсурден конфликт

Пристигањето на деловите од монументалната статуа на Александар Македонски во центарот на Скопје денеска го коментира весникот „Берлинер цајтунг“. Во статијата со наслов: „Александар Највелики“ читаме:

default

„Во последно време стана демодè да се поставуваат монументални споменици на јунаци кои јаваат коњ. Сепак, Скопје, главниот град на малата држава Македонија, си дозволи голема статуа со античка содржина. Деловите на статуата од бронза беа излеани во Фиренца и сега се донесени на централниот плоштад. Кога ќе бидат, составени, легендарниот крал Александар Велики, освојувачот на целиот свет, заедно со неговиот коњ, од висина од 30 метри во иднина ќе гледа врз неговиот народ и ќе му ја покажува светлата иднина.

Својот народ?! Ова присвојување на античките јунаци редовно предизвикува големо огорчување кај јужниот сосед на Македонија. Таму Александар Велики имено се смета за најголемиот Грк на сите времиња. Ваквиот конфликт меѓутоа е потполно апсурден, бидејќи античките Македонци реално не се директни предци ниту на денешните словенски Македонци, ниту пак на денешните Грци.

Ова меѓутоа не им пречи на Македонија и на Грција да го одржуваат конфликтот веќе 20 години и при тоа да ги користат сите расположливи дипломатски средства. На Грција така и‘ појде од рака да го попречи интегрирањето на Македонија во НАТО и ЕУ, а и да и’ го наметне понижувачкото име ФИРОМ за употреба во ОН. Скопје, пак, се брани со провокации. Името на Александар Велики го носат аеродромот во главниот град и еден автопат, а монументалниот споменик на древниот воин е централниот елемент на проектот ’Скопје 2014’. Цената на постимперијалниот ансамбл со коњаникот се проценува на околу пет милиони евра, некои сметаат дури со двојно повисока цена“, пишува „Берлинер цајтунг“.

Весникот „Тагесшпигел“ пишува за европските проблеми со должничката криза на Грција.

„Економистите не веруваат дека Грција еден ден ќе може да ги врати долговите. Кристијан Дрегер од Германскиот институт за економски истражувања оценува дека мекото реструктуирање на грчкиот долг, што го заговара сега владата во Берлин, ќе ја чини Германија повеќе од тврдото отпишување на долговите. И неговиот колега Ансгар Белке, професор по економија на Универзитетот во Дуизбург, се залага за втората варијанта, при што доверителите на Грција, значи и државите и банките, ќе загубат дел од вложените средства. Доколку на Грците веднаш им се отпише половината од нивните дологови, тогаш Германија тоа ќе ја чини 36,9 милијарди евра. Но, затоа тоа би било ослободување за Атина, која во тој случај би можела наскоро повторно да позјамува пари на светските берзи.

Во спротивно, германскиот буџет би можело да загуби 38 милијарди евра, ако до 2015 Грција не може да врати една третина од нејзините долгови. Ако, пак, стане целосно неликвидна, тоа би донело загуби од 56 милијарди за Германија. Во тоа уште не се пресметани средствата што ќе бидат потребни да се надоместат загубите на Европската централна банка“, порачува „Тагесшпигел“.

„Франкфуртер рундшау“ денеска ја коментира ситуацијата во Турција по изборите и неуспехот на владејачката партија АКП да освои двотретинско мнозинство во новиот парламент.

„Со тоа е симнат од дневен ред планот на премиерот Ердоган да воведе претседателски систем со големи овластувања за претседателот, функција на која тој би дошол на следните избори. Таквиот развој е добар како за Турција, така и за нејзините партнери, бидејќи на Турција не и’ треба силен лидер, туку силна демократија“, заклучува „Франкфуртер рундшау“.

Извори: „Берлинер цајтунг“, „Тагесшпигел“, „Франкфуртер рундшау“

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски

DW.COM