1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Нобел за хемија за двајца американски научници

Пронајдокот на научниците Лефкович и Кобилка се очекува да го подобри производството на лекови.

Американците Роберт Лефкович и Брајан Кобилка се добитници на Нобелова награда за хемија оваа година за проучување на протеините, кои им овозможуваат на клетките во телото да одговорат на надворешните сигнали, соопшти денеска Шведската кралска академија на науките.

Двајцата научници престижното признание, вредно осум милиони шведски круни (1,2 милиони долари) го добија за трудот „Г протеинот на споените рецептори“. Речиси половина од сите лекови делуваат токму на тие рецептори, така што се очекува дека сознанијата до кои дошле Лефкович и Кобилка ќе им помогнат на другите научници да пронајдат уште подобри лекови.

Прогласувањето на имињата на овогодишните лауреати почна во понеделникот со доделувањето на наградата за медицина за трудот посветен на матичните клетки, на пионерите во таа област Британецот Џон Гурдон и Јапонецот Шинио Јаманаки, а продолжи вчера со доделувањето на признанијата за физика на Французите Серж Арош и Американецот Дејвид Вајнленд за истражувањето на квантната оптика.

Нобеловата награда за книжевност ќе биде доделена утре, добитникот на Нобеловата награда за мир ќе биде познат задутре, а за економија на 15 октомври.

Престижните награди, чиј основач е шведскиот индустријалец и пронаоѓач на динамитот Алфред Нобел, првпат се доделени во 1901 година. Сите награди ќе бидат врачени на 10 декември, на годишнината од смртта на Алфред Нобел.