Нобелова награда за мир: славје во Индија, шпекулации во САД | Свет | DW | 13.10.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нобелова награда за мир: славје во Индија, шпекулации во САД

Наградата за Советот на ОН за климата, на чие чело е Р. Пачаури, во Индија се слави како да му е доделена нему лично. Во САД шпекулации околу можна претседателска кандидатура по наградета за Ал Гор, екс-потпретседател

default

Доктор Раџендра Пачаури

Претседателот на Советот на ОН за климата Раџендра Пачаури по доделувањето на Нобеловата награда се надева на нови иницијативи за заштита на климата. „Сигурен сум дека сега имам уште поголема одговорност. Ова е чест за Советот, што од мене бара да работам уште понапорно, да направам повеќе. Но, исто така сум сигурен дека ова ќе биде и големо охрабрување и инспирација за научниците кои сакаат или веќе соработуваат со нас“ – изјави Пачаури.

Раџендра Пачаури е директор на Институтот за енергетски истражувања во Њу Делхи. Веќе пет години е на чело на Советот за климата. Тој постојано укажува дека промената на климата одамна започна. На неговата татковина Индија и’ се закануваат суши, но и поплави. Глечерите на Хималаите се топат. Поради тоа Пачаури не зборува само за намалување на емисиите на гасови што предизвикуваат затоплување на атмосферата, туку бара и реакција од меѓународната заедница за да се заштити основата за опстанок на живиот свет. Во образложението за наградата во Осло беше речено дека телото на ОН придонесе за тоа да владее согласнот оти дејствувањето на луѓето и промените на климата се во меѓузависност.

Наградата во Индија се слави како да му е доделена на Пачаури, на Индија – се превидува дека добитник е Климатскиот совет на ОН со седиште во Женева и оти таа рамноправно се дели со Ал Гор. На тоа укажа самиот Пачури: „Ал Гор е значаен човек. Тој има мисија – сака да предизвика внимание за промените на климата, во што е и многу успешен“.

Гор – ангажманот за климата, но и претседателски аспирации?

Самиот Гор на веста за наградата истакна: „Наградата ќе ја примам во име на сите оние, кои одамна и со голема сила се залагаат за тоа навистина насекаде да стигне веста за сериозната ситуација во која се наоѓа нашата планета“. Вниманието на јавноста Гор го искористи за да укаже колку е итно неопходна борбата против затоплувањето на климата, оти мразот на Северниот пол се топи побргу, отколку што досега се сметаше: „Научниците велат дека доколку не дејствуваме многу бргу, целата ледена површина на Северниот пол би можела да исчезне за помалку од 23 години“.

Но, тезите на Гор и неговиот филм „Една непријатна вистина“ провоцираат критика. Не сметаат сите експерти дека загревањето на земјата е катастрофален проблем, а му забележуваат и за неточности во филмот. Во британските училишта, на пример, со судска одлука тој може да се прикажува само со укажување на грешките во него.

Критичарите му префрлуваат на Гор и дека со кампањата, всушност, сака да си го поврати реномето по загубените претседателски избори пред 7 години. Републиканците критикуваат дека Нобеловиот комитет со решението за наградата се меша во американската внатрешна политика. Веднаш се појавија шпекулации околу можна нова кандидатура на Гор за претседател на САД. Тој самиот не се изјасни недвосмислено: не планирал, но и не исклучува сосем. Според неговите пријатели, Гор проценува дека во моментов Хилари Клинтон е премногу силна; но доколку таа почне да се потсопнува, тогаш настанува друга ситуација.

Т. Тајхман – К. Бергман / З. Јордановски