1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нобелова награда за мир за човекот со железна волја

Кинескиот дисидент Ли Шиаобо е добитник на Нобеловата награда за мир за 2010 година. Во образложението, Комитетот за доделување на наградите во Осло наведува-изборот е направен поради неговата борба за човековите права.

default

Награда за долгогодишниот ангажман за човековите права-Лиу Шиаобо

Изборот на Шиаобо го поддржаа повеќемина поранешни носители на признанието, како Далај Лама и Дезмонд Туту. Петиција во негова полза на интернет потпишаа и околу 300 кинески уметници, правници и професори.

54-годишниот Лиу Шиаобо со децении е еден од најпознатите критичари на комунистичкиот апарат на власта во Кина. Поради борбата за човекови права, веќе две години се наоѓа во затвор.

Постојани апсења и затвор

Затворските решетки за ситниот по раст човек со железна волја, не се ништо ново. Во интервју за германскиот канал АРД, во 2007 година, Лиу се присети на своето прво апсење, веднаш по крвавото задушување на кинеското демократско движење во 1989 година.

„Возев велосипед кон дома, беше околу полноќ. Еден автомобил ме следеше по улицата и ме принуди да застанам. Излезе група луѓе, ми ги врзаа очите, рацете и ме фрлија во автомобилот. Целата атмосфера беше застрашувачка, навистина чувствував страв. Немам претстава каде ќе ме носат, мислев дека дека едноставно некаде ќе ме убијат.“

Литератот Лиу Шиаобо во 1989 година застана на страната на студентите, ангажирајќи се за демократизација на Кина. Речиси двете години затвор не го поколебале, а следеле и натамошни апсења во 1995 и во 1996 година. Лиу Шиаобо бил поведен и од некој вид обврска кон жртвите од плоштадот Тјенанмен.

China Liu Xia Ehefrau von Dissident Liu Xiaobo in Peking

Сопругата на Лиу Шиаобо, Шиа

„На 4 јуни беа убиени многу недолжни луѓе. Сметам дека како преживеан мора да се борам за правдата во името на загинатите.“

Иницијатива која скапо чини

Лиу Шиаобо повторно беше уапсен кон крајот на 2008 година како главен иницијатор на „Повелбата 08“, манифест за политичка модернизација на Кина издаден по повод 60-годишнината од општата Повелба за човекови права во светот. Во него се бара слобода на мислењето и политички плурализам. Сопругата на Шиаобо, Лиу Шиа летоска рече дека веднаш и‘ било јасно колкава висока цена тој ќе треба да плати за „Повелбата 08“:

„Многумина на негово место би се откажале, но Шиаобо има челична волја. Тој е подготвен да ја следи целта во која верува, иако знае дека не може да ја оствари.“

„Повелбата 08“, во меѓувреме, ја потпишаа повеќе од десет илјади Кинези, а Шиаобо е осуден на 11 години затвор поради „субверзија“.

Својата казна тој ја издржува во затвор на околу 500 километри од Пекинг. Посета смее да прими еднаш месечно. Пред соопштувањето на Нобеловата награда, Кина категорично предупреди од нејзино доделување на Лиу, се закани и со последици во дипломатските односи со Норвешка.

Автор: Матијас фон Хајн / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема